По повеќе од еден месец пауза, возот на релација Скопје -Гевгелија и Гевгелија -Скопје  повторно ќе сообраќа. Од Македонски железници велат дека комплетно е поправен мостот кај Градско

Бетонскиот мост на железничката пруга меѓу станицата Градско и крстосницата Кукуричани поради кој во прекин беше железничкиот сообраќај на Коридорот 10 е комплетно саниран и од вечерва сообраќајот на овој дел ќе биде пуштен во употреба, соопшти денеска Македонски железници Инфраструктура.

Како што информираа за МИА од МЖ Транспорт, од почетокот на прекинот до 2-ри месецов со намалувањето на приходите од извршениот превоз претрпеле директната материјална штета од 84.500.000 денари.

Деформациите на мостот над Црна Река, меѓу станиците Градско и Кукуричани предизвикаа прекин на железничкиот сообраќај од втори минатиот месец на релацијата Велес-Гевгелија. Возовите на релација Скопје – Гевгелија и Гевгелија – Скопје сообраќаа само до Велес и обратно. Тие и прекините на железничкиот сообраќај при реконструкцијата на патот во Србија од 24 септемрви до 19 минатиот месец го намалија обем на превоз на МЖ Транспорт на Коридор 10.

Оттаму информираат дека пред пуштање на мостот за сообраќај, санацијата е извршена во специфични услови при што се направени специјални прегледи и испитувања со пробно товарење согласно член 27 од Правилникот за начинот на одржување, начинот на водење на евиденцијаи користењето на податоците од евиденцијата на долниот строј на пругите.

При санација на мостот е извршена заштита од понатамошно поткопување на двата средни столба, направени се бунари со длабочина од осум до 12 метри за преземање на товарите од мостовската конструкција кај првиот среден столб, армирање и бетонирање на темелните греди и на бетонските платна и е подигната е мостовската конструкција на потребното ниво.