Занаетчиите бараат од државата да бидат опфатени со петтиот антикризен пакет, да продолжи мерката за минимална плата која се движи од 17.410 до 21.700 денари, таа да биде безусловна и да нема нејзин поврат, како и да добијат еднократна финансиска помош за да ги покријат заостанатите индиректни трошоци.

Ова, според Занаетчиската комора, ќе им помогне полесно да ги надминат последиците од корона кризата.

– Важно е и занаетчиите да добијат и полесен пристап до бескаматната кредитна линија „КОВИД“ на Развојната банка на РСМ и пофлексибилен третман за добивање на кредитните средства. Анализите покажуваат дека сега е моментот да се зголеми минималниот праг за ДДВ обврзниците од два на три милиони денари, што ќе придонесе да се подобри фискалната политика и да се намали „сивата“ економија. Решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок кај паушално оданочените занаетчии да бидат пониски за 50 проценти во оваа година споредено со решенијата од 2020-та година – изјави претседателот на Комората, Агрон Фазлији.

Тој се надева дека сите барања на занаетчиите како и досега ќе добијат поддршка од институциите.

– Со овие предложени мерки ќе можеме да обезбедиме одржливост на домашните занаетчиски дејности и работните места, закрепнување на одредени дејности и поттик на јавната потрошувачка – рече Фазлији.

Занаетчиска комора ги претставува сите 15 регионални занаетчиски комори на територијата на државата.

Од последната анализа на коморите увидовме дека скоро сите комори се соочуваат со големи проблеми и тешкотии во нивното секојдневно функционирање предизвикано од состојбата со корона вирусот и поради тоа предлагаме да им се додели еднократна финансиска помош во износ од 150.000 денари на секоја од нив – истакна претседателот на Занаетчиската комора.

Занаетчиската комора бара интензивна борба со „сивата“ економија во нивната дејност, а од Министерството за образование и наука, за ревитализацијата на занаетчиството да стави посебен приоритет и третман на средно стручно образование (насока занаети и занаетчиски дејности), бидејќи последните години има дефицит на кадар во секторот.