Замрзнат е имотот на еден од сопствениците на Еуростандард банка, Трифун Костовски, според него, вреден над 100 милиони евра, објави „Фактор“.
Оваа вест, откако ја објави и самиот Костовски, ја потврдија и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Оттаму објаснуваат дека привремено е замрзнат имотот не само на Костовски, туку и уште на три лица кои се инволвирани во предметот во врска со Еуростандард банка.
На предлог на обвинителството, согласно законските одредби, Основниот кривичен суд Скопје, со решение привремено го замрзна имотот на лицето за кое покажувате интерес, и на уште три лица инволвирани во предметот во врска со Еуростандард банка“, се вели во одговорот од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Ова во своја колумна вчера го напиша и самиот Костовски.
Почитувани, со завршување на предистражната постапка, мојот личен имот ми е комплетно блокиран. Говорам за имот кој е стекнат пред повеќе од 35 години, ама ако е во интерес на правдата и вистината, немам ништо против. Очигледно е дека организаторите на овој кримнал тргнаа првенствено кон згаснување на Еуростандард банка со цел да не дојдеме до крајната дестинација каде завршиле парите.
Не се работи за мали пари, туку се работи за големи пари. Се работи за повеќе од 100 милиони евра – маса во која се наоѓаат парите на коминтентите на Еуростандард банка и парите кои ние како акционери ги инвестиравме во банката, пишувa Костовски.
Натаму, како што доддава, сега посегнале да му го блокираат имотот, бидејќи тој, според него, би бил можност да ја води натамошната битка за вистината.
Да појаснам што тоа значи: имам имот, не смеам да го отуѓам, а сакам да го отуѓам бидејќи ми се потребни финансиски средства за водење на оваа војна. Што уште остана да ми земат? Мојот живот?… Ова е невидена и нефер борба во која се користат најниски удари, со цел да се сокрие нешто што е толку видливо, а тоа е дека јас, моето семејство и банката сме жртви на организиран криминал. Кој владее во нашава криминална држава? Одговорот е многу едноставен – криминалци, вдомени во сите сегменти на општественото живеење, од образование, здравство, па сѐ до судството, нагласува Костовски.
Тој потенцира дека по најновите сознанија, сфаќа дека нема институции во системот кои не се замешани во оваа афера, почнувајќи од Владата со нејзините министерства, судството, полицијата и, како што ја нарекува – егзекуторот – Народна банка.
Почитувани, верувајте дека нема да дозволам гневот да ме надвладее. Секогаш кај мене ќе надвладува разумот, вели бизнисменот Костовски во својата колумна.
Comments are closed for this post.