Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања оцени дека проектот Мој ДДВ  дава резултати, дека економијата е во пораст и дека посебно во следните 15 месеци, сите треба да придонесат да продолжат економските трендови значајни за граѓаните и државата.

– Ова е прекрасен период што се случувал на сите земји кога влегувале во НАТО, почнувале преговори со ЕУ и кога економијата растела, што е вистинска можност и за нашата држава. Се бориме против сивата економија, неплаќањето на персоналниот данок, данокот на додадена вредност, данокот на добивка, придонесите и слично. Овој проект го стартувавме од 01. јули оваа година и еве резултатите за првите 24 дена од УЈП се одлични.

135.000 граѓани ги симнале апликациите. Скенирани се над 5 милиони фискални сметки. Вредноста на скенираните сметки е 2 милијарди 768.341 илјада, 908 денари. ДДВ досега е пресметан за враќање на граѓаните од 44 милиони 827 илјади денари, рече премиерот Заев.