Од ратификувањето на Протоколот за НАТО во Парламентот на Грција, шест компании соопштиле дека донеле одлука за инвестиции во земјава, а последна е од фабрика за производство на кабли, соопшти премиерот Зоран Заев попладнево на седницата за пратенички прашања.

Засега дозвола за објавување има само за германската „Герешајмер“ со инвестиција од 120 милиони евра. За десетина дена, рече премиерот, ќе биде објавено од која индустрија е,  колку работни места ќе отвори, кога ќе почне изградбата и кога ќе биде ставена во функција. Во најава, рече Заев, се и две грчки компании од кои едната е од областа на енергетиката, а вкупната инвестиција им е 750 милиони евра.

Во сите 17 индустриски зони се отвораат 4.500 работни места, инвестицијата е повеќе од 155 милиони евра. Само „Герешајмер“ е 120 милиони евра… Бројот на странски инвестиции во последниот квартал во 2018  е сигурно најголем од кој било квартал од самостојноста до сега.  Вкупните странски инвестиции во 2018 година се најголеми од која било година од самостојноста. И тоа е првата квалитетна придобивка од отворените интеграции на нашата земја за членство во НАТО, како и од законот за привлекување  странски инвестиции во индустријата, посветеноста на економските тимови… Се работи за илјадници работни места.  Најголем дел се многу квалитетни, со плата од над 18.000 денари,  рече Заев.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев одговарајќи на прашање соопшти дека со два инвеститора се разговара за решавање на статусот на „Еурокомпозит“, од кои бараат не само да им исплатат плати и придонеси за пензија на вработените, туку и банкарска гаранција со која ќе се осигури иднината на фабриката.

Ги замолувам за уште малку трпение, преку ноќ не се решеват проблемите. Не е лесно да се најде решение кога и Бирото за судски вештачења проценило дека има повеќе долгови отколку капитал, рече Анѓушев, додавајќи дека проблемот со „Еурокомпозит“ е наследен и стар десетина години.

Згрижени се, рече, добар дел од вработените што беа прогласени за технолошки вишок, со измена на закон тие ќе имаат право на пензија, а  дотогаш ќе имаат стабилни приходи.