Премиерот, Зоран Заев оствари работна посета на рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола. Како што информираат од владината-прес служба целта на посетата била премиерот одблиску да се информира за работата на РЕК Битола и за тековните и идните планови на АД ЕСМ.
Во обраќањето при посетата, Заев истакна дека на 29 март бил распишан тендер за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во РЕК Битола.
„Инвестицијата се проценува на 20,4 милиони евра, пари кои компанијата ги обезбедува од сопствени извори, што дополнително не радува нас како Влада. Една од најзначајните компании во државна сопственост инвестира повеќе од 20 милиони евра кои сама ги заработила. ЕСМ е насочена кон произвдство на струја со која ги задоволуваат потребите на потрошувачите во земјата, а како што неодамна слушнавме, врши и продажба на вишоци, со што остварува добивка и за сопствениот и за државниот буџет. Инвестицијата во реконструкција на електростатските филтри на РЕК Битола е дотолку позначајна што е најголемата во областа заштита на животната средина во земјава или барем во компанија во државна сопственост. Заштитата на животната средина во минатото беше запоставена, а сега претставува еден од приоритетите на оваа Влада“ изјави премиерот.
Заев при посетата на РЕК Битола беше придружуван од директорот на АД ЕСМ, Драган Миновски и директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.
Миновски ги презентираше деталите од јавниот оглас за реконструкција на електростатските филтри.
„Постоечките електростатски филтри се направени во 1979 година, а реконструирани и модернизирани по 1989 година. Со оваа модернизација на целиот систем, од постоечките стандарди кои се 100 милиграми на нормален метар кубен издувот на прашина ќе се намали за под 20 милиграми на метар кубен што е европски стандард и ќе придонесе за многу поголема заштита на животната средина“, истакна директорот Миновски и најави дека во следниот период АД ЕСМ започнува постапка за изградба на нова фотоволтаична електрана помеѓу ладилните кули во РЕК Битола и рударскиот дел од РЕК Битола.
Директорот на комбинатот, Васко Ковачевски нагласи дека санацијата на системот на филтрите на трите блока во РЕК Битола е од суштинско значење и едно од главните ветувања на оваа влада.
„Со оваа телмелна реконструкција на системот на електростатските филтри, со правилен третман на пепелта којашто доаѓа од производството, со прскањето на тие полиња, со примената на квалитетен ископ и транспорт на јагленот и сѐ она што значи исполнување на еколошки стандарди, веруваме дека во следниот период силно ќе влијаеме врз подобра животна средина и подобрување на квалитетот на воздухот“, рече тој.
Comments are closed for this post.