Со празни раце и разочарани останаа добар дел од граѓаните, кои овој викенд сакаа да купат ИТ-опрема и да добијат поврат на ДДВ, пишува Слободен печат. Изборот на компјутери, таблети и лаптопи беше десеткуван, а граѓаните се пожалија и дека дел од компјутерската опрема била поскапена во однос на минатата недела.

Во речиси сите продавници низ државата беа останати само компјутери и лаптопи чија цена беше значително повисока од лимитираниот износ до 30.000 денари. Трговците се децидни дека недостигот од вакви производи трае неколку недели, поточно од септември, кога и најголемиот дел од граѓаните буквално ги збришале рафтовите по дуќаните.