Наменета е за микро и мали претпријатија погодени од ковид-19, а финансиските средства се повлечени од 50-те милиони евра награда за успешност заради целокупниот напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија

Владата на синоќешата седница го задолжи Министерството за финансии да потпише договор со Развојна банка АД Скопје за администрирање на средствата од новата трета по ред бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од ковид-19 (Ковид 3).

За ова, Министерството за економија треба да предложи одлука за префрлање на средствата од програма П1 од вкупно 60 000 000 денари на посебна сметка на Развојната банка како придонесе од Буџетот за оваа мерка.

Финансиските средства од оваа бескаматна кредитна линија се повлечени од 50-те милиони евра награда за успешност заради целокупниот напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија. За ова Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија со кој извести дека средствата ќе се користат за антикризни мерки.

Во март беше објавена првата кредитна линија од 5,7 милиони евра, како директна помош за микро, мали и средни претпријатија за најпогодените сектори – угостителство, туризам и товарниот транспорт.

Со втората линија бескаматни кредити за фирмите погодени од ковид-19 кризата во мај одобрени беа 2 милиони евра за 117 фирми во кои работат 3 001 вработен.