Не запираат обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог буџетот за 2019 година. Додека власта тврди дека се гради социјално и праведно општество, опозицијата уверува дека вака скроента државна каса  дополнително ќе ги осиромаши граѓаните.

Заев и Тевдовски со новиот Буџет паралелно со кој ќе биде воведен и прогресивниот данок, директно ги осиромашуваат граѓаните и влијаат на нивниот живот и животен стандард.

Заев и Тевдовски во новиот мегаломански и ненароден Буџет за 2019 година предвидуваат да соберат од граѓаните приближно 1.981.000.000 евра или за 6.4% повеќе даноци во однос на 2018 година. Замислете, ако во 2018 година СДСМ собрале 1.862.000.000 евра по основ на даноци, во 2019 година со прогресивниот данок ќе соберат 120.000.000 евра повеќе и тоа директно од граѓаните, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

ВМРО-ДПМНЕ ги повика Заев и Тевдовски да ги редуцираат трошоците.

Да ја редуцираат својата даночна политика, бидејќи овој Буџет и граѓаните ниту можат да ја издржат економијата, ниту пак СДСМ има план и знаење како да ја кренат економијата со овој мегаломански најголем Буџет до сега. Повеќе од јасно е дека парите ќе завршат во нечии џебови кај фирмите на Заев, Анѓушев и другите блиски до СДСМ, а сите останати односно граѓаните нема да добијат ништо“, вели Арсовски.