На Концесионерот на „Македонско село“ за еднострано раскинување на договорот ќе му биде активирана гаранцијата за квалитетно извршување на договорот во износ од околу 43 илјади евра и подмирување на закупот за наредните шест месеци.

Владата, на наредна седница ќе достави информација за целосната постапка што произлегува по раскинување на договорот и потоа ќе донесе одлука за натамошно постапување со комплексот.

Ова го соопшти директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ Пеце Мирчевски, кој како што информираше денеска имал средба со претставници на концесионерот на „Македонско село“ Тинекс и Квинс хотел на која го повториле ставот за еднострано раскинување на договорот и за обврските што произлегуваат од тоа.

 Претставници на менаџментот известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од Договорот, а тоа подразбира активирање на гаранцијата за квалитетно извршување на Договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43.000 евра, изјави директорот на СОЗР Пеце Мирчевски.

Концесионерот, како што извести, го раскинува договорот поради работење исклучиво со загуба.
Мирчевски потенцира дека ако се има предвид дека месечната кирија за комплексот изнесувала 3.500 евра и дека во овој момент се покажува дека таа е неодржлива и дека комплексот работел со загуба, вели дека преку едноставна пресметка може да се заклучи дека за државата и граѓаните да си ги повратат вложените средства би биле потребни повеќе од 150 години.

Комплексот „Македонско село“ е инвестиција на РМ, одлуката за овој неодржлив проект ја има донесено Владата на РМ и истата е потпишана од поранешниот премиер Никола Груевски и објавена во Службен весник на 24 јуни 2015 година. При тоа од парите на граѓаните за оваа непродуктивна инвестиција се издвоени 6,5 милиони евра, со цел комплексот да биде ставен во функција, истакна Мирчевски.

Одговорајќи на новинарско прашање рече дека комплексот ќе остане затворен, а Владата ќе одлучи за понатамошното постапување.