Македонската економија е во тешка состојба, се пожалија  денеска бизнисмените од Стопанската комора на Северо Западна Македонија. Обвинија дека бизнисите трпат огромни финансиски загуби поради непочитување на законите од страна на државата, а се со цел добивање политички поени.

Ваквите пречки  од страна на  локалната и централната власт, не значи само стагнација на бизнисот, туку и обесхрабрување за натамошни вложувања.

На овој начин инвеститорите се соочуваат со правна несигурност и заштита, а дека деловното опкружување заостанува, покажува и Индексот на Глобалната конкурентност на Светскиот економски форум, каде земјава за три години има пад за повеќе од 20 места.

Последни примери каде се опструираат бизнисите, се стопирањето на градежните активности во општина Карпош. Инвеститорите во општина Карпош велат дека на ниво на општината, компаниите имааат штети од  една  милијарда евра. Како резултат на штетите, има драматичен пад во градежништвото, но и опаѓање на вработените во градежниот сектор.


Целта на нашата работа е да го развиваме бизнисот, да има вработување и да се развива економијата. Ние имаме бизнис да работиме , а не да добиваме  обештетувања. Ако овој тренд продолжи во градежниот сектор, цените на становите вртоглаво ќе растат. Затоа бараме да се почитуваат законските и административни постапки, истакна Фатмир Атеми, инвеститор  на зградата кај Мајчин дом.

Бизнисмените апелираат институциите да пристапат со поголема посветеност и сериозност за проблемите  да се решат и да не се повторуваат. Бараат правилната имплементација на законите, почитување на постапките и правата загарантирани со закон за компаниите како правни субјекти, кои овозможуваат деловно работење без пречки, бидејќи секоја пречка за инвестирање од бизнисот е стагнација за подобрување на животните услови.