АД ЕСМ ќе одвои 10 милиони евра односно 618 милиони денари за имплементирање на еколошка мерка за субвенции за набавка на инвертер клими за домаќинствата во Скопје, Битола, Тетово и Кичево, како најпогодени од загадениот воздух, кои се греат на дрва, јаглен и фосилни горива со висока емисија јаглерод диоксид и штетни ПМ честички, како што е нафтата.

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција информира дека оваа мерка ќе опфати најмалку 10 илјади домаќинства и тоа во Скопје 5.200, во Битола 2.500 домаќинства, во Тетово 1.500 и во Кичево 800 домаќинства. Предност ќе имаат домаќинствата со месечни примања до 30 илјади денари.

 Секое домаќинство опфатено во оваа фаза ќе располага со 1.000 евра во денарска противвредност за набавка на ефикасен инвертер, изјави Заев.

Тој додаде дека овој еколошки проект, заедно со другите, кои ќе бидат преземени за целосно справување со загадениот воздух, имаат за цел во наредните три години да биде целосно елиминирано користењето на печки на тврди и фосилни горива.

Надзорот на реализацијата на оваа мерка ќе ја врши владина Комисија, во која ќе членуваат претставници и на најмалку две НВО, а општините ќе бидат задолжени за 100 процентна контрола на оние домаќинства кои ќе ги добијат субвенциите.

Компаративната анализа на вкупните трошоци на греење на површина од 60 метри квадратни покажува дека со греење со инвертер ќе чини 11.734 денари, со дрва 18.586 денари, со пелети 26.010 денари, а со нафта за домаќионство 43.038 денари.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека единствен услов за домаќинствата е да дадат изјава дека повеќе нема да користат дрва и фосилни горива и да го вратат грејното тело кое досега го користеле, а кое ќе биде однесено во легален отпад. За сметка на тоа, истакна, ќе добијат вредносен бон да можат да купат инвертер.

Ова секако не е замена за гасификацијата, бидејќи регионите во Скопје посебно, а веќе и во Битола се детерминирани да имаат пристап до топловодна мрежа и понатаму ќе ги стимулираме да се развиваат на топловодна мрежа. Оние кои имаат пристап до гасификација ќе се развиваат на гасификација, но има анализи кои покажуваат дека најекономично е одредени региони кои во моментот значително загадуваат да се развиваат на принцип на имплементација на инвертер клими за греење, изјави на денешната прес-конференција Анѓушев.

Тој додаде дека во своето 2,5 годишно работење АД ЕСМ покажало одлични резултати , не се покачила цената на електричната енергија, а ЕЛЕМ направило добивки од 43 милиони евра акумулирани добивки, а двојно повеќе акумулирани ликвидни средства.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини најави дека ќе се продолжи со овој проект и во останатите градови каде загадувањето е големо. Тој предупреди дека импелементирањето на оваа мерка не значи дека ќе се прескокне мониторингот на индустрискиот сектор, туку ќе се продолжи со поголема контрола на индустриските објекти.

Според заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, кој повтори дека сите студии покажуваат оти главниот извор на загадувањето доаѓа од домашното затоплување, на една грејна сезона во Скопско се трошат 317 илјади тони дрва, а во Северна Македонија е 1.100.000 кубни метри дрва што се трошат, од кои 40 проценти од тоа се од нелегална сеча. Во таа насока тој најави дека ќе се зајакнуваат капацитетите на шумската полиција.