По донесувањето на Уредбата со која се дозволи одржување концерти, угостителите кои организираат свадби и прослави очекуваат наскоро да почнат со работа.

Но, како што соопштија денеска, ако не се усвојат препораките за нивно отворање, ќе го искористат своето право на протест.

Угостителите кои располагаат со големи сали за одржување прослави веќе пет месеци не остваруваат никаква економска активност поради што, велат, е загрозено нивото постоење и опстанок.

Веќе е донесена Уредба на Владата со одлука за организирање концерти, отворени гранични премини и останати одлуки кои во себе содржат далеку поголем ризик од организиран настан, свадба или прослава. Очекуваме на претстојниот состанок Комисијата за заразни болести да донесе препораки за наше отворање. Состојбата на сите економски оператори кои директо и индиректно соглано природата на својата дејност се поврзани со угостителските објекти како музички групи, фотографи, компании кои вршат декорација, цвеќарници, златарници, ателјеа за изработка на костуми и венчаници е крајно тешка и неизвесна. Доколку не се донесат препораки за отворање ќе го искористиме нашето демократско право на протест за спас и егзистенција на вршителите на овие дејности и сите вработени, истакнува потпретседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Мартин Ангеловски.

Комората има испратено дополнителни предлози на веќе постојните до Комисијата за заразни болести од која очекува позитивна одлука на претстојниот состанок закажан за почетокот на следната недела.

Предлозите се состојат најпрво од изготвување на листа на присутни гости на настанот изготвена од страна на нарачателот на организираната прослава, понатаму дополнување на протоколот за организирана прослава со јасно и видливо обележан подиум. Согласно донесените уредби бараме прогласување на трета фаза за редовна работа на угостителските објекти. Безбедносниот аспект ќе биде максимално запазен согласно протоколите за работа и далеку побезбеден од досегашните примери каде што луѓето се само организираат без соодветен безбедносен протокол, нагласува Ангеловски.

Компаниите од оваа дејност, потсетува потретседателот на Комората, се адаптираа на новите услови и протоколи за заштита од ширење на пандемијата, но и натаму ќе се придржуваат на новиот начин на работа, неопходен во услови на актуелната состојба.