Група туристи од Канада, Бразил и САД, во организација на познатиот музичар по потекло од Берово, Горан Алачки, се наоаѓаат во туристичка посета на општина Берово.

Чест и задоволство ми е што гостите од повеќе земји во светот го одбраа Берово како атрактивна туристичка дестинација. Наша задача е на туристите од Бразил, САД и Канада да им го презентираме градот со сите негови карактеристики и сите позначајни аспекти со акцент на културно-историското наследство и убавините од туристичка гледна точка, истакна Пекевски.

Во рамки на посетата, туристите го посетија Музејот на Град Берово, каде од страна на Директорот на ДК „Димитар Беровски“, Звонко Скендерски, следуваше кратка презентација за историски важните настани и легендата за постанокот за градот.

Можноста за запознавање со македонскиот фолклор и традиција во рамки на посетата во Берово, за американецот Ира Вајбрд е нешто што не се опишува со зборови.

Го посетивме и Владимирово, родното место на Горан, неговите шарпланинци, потоа бевме во Музејот, го видовме идниот културен центар, имавме состаноци со овдешните луѓе, вкусивме традиционална храна, палевме свеќи за Шабат, имавме изненадување со оркестарска група и танцување и многу други работи кои сигурно ќе ни останат во сеќавање, истакна Вајбрд.

Берово како туристичка дестинација е една од попосетените општини во летниот период. Чистиот воздух, здравата и органска храна туристите ги наведуваат како најчеста причина зошто го посетуваат Берово.