Влезот во НАТО ќе делува како катализатор на економскиот раст во Македонија, вели министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој во изјава за медиумите посочува дека стабилноста и меѓународната позиција кои ги добива земјата со членството, кај земјите кои пристапиле кон Алијансата резултирале со повисоки инвестиции, поголема економска активност, намалување на невработеноста и подгинување на животниот стандард.
Значително забрзување на економскиот раст се забележува кај сите земји од регионот, по пристапувањето во Алијансата. Стабилноста и меѓународната позиција која ја обезбедува членството, придонесуваат за неколкукратно подобрување на повеќе економски показатели. Пред се, тоа се забележува кај странските директни инвестиции. На пример, по пристапувањето во НАТО во Бугарија трикратно се зголемија странските инвестиции, во Албанија двојно, вели Тевдовски.
Тој посочува дека новите инвестиции значат нови работни места, нова додадена вредност, зголемување на обемот на трговија и зголемена економска активност.
На пример, по влезот во НАТО растот на БДП во Бугарија е зголемен од 2,8% на 6,7% во просек. Невработеноста кај земјите кои пристапија во НАТО во 2004 во просек е намалена од 11,4% на 6,3%. Сето тоа резултира со подигнување на животниот стандард, што се покажува и преку растот на номиналниот БДП пер капита усогласен за паритетот на куповна моќ, кај овие земји, нагласува Тевдовски.
Неделава кредитната агенција „Фич“, како и реномираниот фонд за управување со средства „Итон Венс“ посочија дека Македонија има напредок во евроатлантските интеграции и дека местото и е во ЕУ и НАТО.
Од „Фич“ истакнаа дека тоа влијае на забрзување на економската активност, додека „Итон Венс“ ја оценија Македонија како најпривлечна дестинација за инвестирање во Централна и Источна Европа.
Comments are closed for this post.