Министерството за труд и социјална политика на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) го објави нацртот на законот за субвенционирање на придонесите за покачување на патите, чија цел, е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој на државата.
Според нацрт-законот, субвенционирање на придонеси може да користи работодавач кој има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење и нема доспеани обврски по основ на бруто плата до денот на побарување на субвенцијата на придонеси, работодавач за осигуреник кој бил во задолжително социјално осигурување кај тој работодавач во сите месеци од референтниот период и за кој има зголемување на плата на начин утврден со овој закон, односно работодавач за осигуреник за кој има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од работодавачот во референтниот период.
Субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување по основ на зголемена плата не може да остварат органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
Субвенциите не може да ги користи работодавач кој за осигуреникот користи ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување согласно закон, за период додека го користи ослободувањето, работодавач кој за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за периодот додека ја користи мерката и работодавач кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно со Закон за финансиска поддршка на инвестиции, како и приватна агенција за вработување за осигуреници кои се отстапени кај работодавачи од органите на државната и на локалната власт и други државни органи.
Согласно предложените решенија, работодавачот нема обврска да плаќа придонеси од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси, највисокиот износ за кој се одобрува субвенција на придонес е зголемување на нето плата до 6.000 денари месечно по осигуреник, а најнискиот износ за кој се одобрува субвенција на придонес е зголемување на нето плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник.
Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите согласно со одредбите на овој закон започнува да се применува со исплата на плата за октомври 2019 година.
Од Владата проценуваат дека субвенционирањето на социјалните придонеси ќе има позитивно влијание на вкупната економија, Мерките ќе придонесат за подобрување на работењето на деловните субјекти, зголемување на квалитетот во работењето, нивната продуктивност, подобрени деловни резултати во работењето, зголемување на вработеноста, зголемување на платите на вработените, на подолг рок, подобреното деловно работење ќе предизвика и поголем економски раст и развој на Македонија.
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник, а ќе се применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година.
Се очекува на ваков начин да се намали исплатата на платата на работниците на рака, кое често го практикуваат работодавачите за да избегнат плаќање придонеси.
Comments are closed for this post.