Регулаторната комисија за енергетика не отстапува. Ја проширува акцијата и бара државата да дозволи повеќе граѓани кои се погoдени од ковид кризата да добиваат субвенции, олеснувања за заштита од енергетска сиромаштија. Барањето е по зголемувањето на цената на електричната енергија, но најмногу со продолжувањето на економската криза, а како сугестија од европската енергетска заедница

Владата во специфични услови мора да гарантира дека секој граѓанин има струја, вода и затоплување. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски вели дека ова барање е дадено претходно но дека сега се интензивираат активностите. Во тек е подготовката на буџетот за следната година, со што повеќе пари за оваа намена треба да бидат поместени во проекциите за следната година.

И претходно сум споменал, сега се интензивира акцијата и се бара зголемување на опфатот на ранливи домаќинства кои ќе добиваат олеснувања за заштита од енергетска сиромаштија. Моментно тоа се само корисниците на социјална помош, но тоа не е доволно. Во услови на ковид криза таа категорија граѓани која има потреба од помош се зголеми и таква социјална заштита е потребна, рече Бислимовски на он лајн дебата организирана од Стопанската комора.

Бислимовски им ја потенцираше неодамна идејата и на синдикалните лидери со кои имаше средба. Сега извесно е дека вакво расположение има и кај Владата со што најверојатно ќе се прошири листата на семејства кои добиваат помош.

Македонија ја имплементираше целокупната потребна легислатива и го реформираше електро-енергетскиот сектор во согласност со третиот енергетски пакет. Националната легислатива опфаќа и правила кои се однесуваат на енергетска сиромаштија во која се дава можност на државата да субвенционира дел од сметките за струја за најранливите категории. Мерката би била привремена и најмногу би се однесувала на граѓаните кои имаат проблем со примањата поради Ковид.

Инаку Бислимовски вели и дека гарантарината топлинска енергија за граѓаните е тешко одржлива во некои објекти поради тоа што доста од нив не се енергетски ефикасни. Вели дека има некои згради во кои со истата испорачана енергија, кај корисниците дома е по 20 степени, кај други згради по над 25 степени. Гарантираната топлина е 21 степен, но Бислимовски спомена дека има тенденција во европските земји тој степен да се намалува. Така моментно било во Германија каде се гарантира 19 степени.