Итна средба во Владата бараат сопствениците на спортските обложувалници. Се жалат дека надлежните не ги консултирале за измените на Законот за игри на среќа кои предвидуваат да плаќаат повисоки давачки и објектите да се лоцирани на минимум 500 метри од училиштата и факултетите. Предупредуваат дека тоа ќе доведе до целосен колапс на индустријата, со што според нив државата ќе загуби над 250 милиони евра а речиси 8 000 лица ќе останат без работа.

Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Ова не е европски закон. Ниту една европска земја не ја ни разгледува можноста за забрани, туку работи на квалитетно регулирање на игрите на среќа. Ниту еден европски закон не предвидува одалеченост на објеките, бидејќи тоа нема никаков ефект врз навиките. истакна на прес-конференција претставникот на Групацијата за спортски обложувалници при Стопанската комора на Македонија, Васко Илијевски.

Носењето на измените  ќе ја зголеми сивата економија и ќе доведе до отварање на целосно илегален пазар предупредуваат од секторот.  Од финансии пак велат дека допрва ќе има отворена дебата и консултации со сите засегнати страни.

Министерството за финансии било и ќе биде отворено и транспарентно при својата работа,  вклучувајќи ги и  процесите на донесување на нормативните акти. Истото, важи за процесот на измени на овој закон.

Најавата за измените и дополнувањата на законот е веќе поставена на ЕНЕР, по што ќе следи и објавата на текстот на предлог измените и дополнувањата на законот.

Новиот предлог закон треба да биде изготвен за 8 дена и објавен на ЕНЕР.