Македонската Влада не открива дали е во преговори со Фолксваген и дали има испратено официјална понуда до германската компанија, да инвестира во земјава, откако инвеститорите ја замрзнаа инвестицијата во Турција, а соседите влегоа во нова трка.

Владата на Република Северна Македонија, останува на ставот, да не ги коментира процесите на разговори со странски компании, се додека самата компанија не донесе одлука да инвестира во земјата, велат од Владата за нашата редакција.

Од Владата велат дека компании како Фолксваген се пожелни инвеститори во секоја земја, и дека отворени се за соработка, особено затоа што тие, како производители на финален производ имаат слобода да склучуваат договори со добавувачите. Воедно овозможуваат вработување на високо едуциран кадар и исплаќаат високи плати за вработените.

Ваквиот одговор на Владата, која наводно се придржува кон одредени принципи сепак останува неразбирлив ако се знае дека сите балкански држави кои видоа шанса за влезот на Фолксваген излегоа со конкретни понуди во стотици милиони евра.

Компанијата  Фолксваген пред извесно време ја замрзна веќе договорената инвестиција во Турција , поради воена офанзива во Сирија. По ваквата одлука речиси сите земји од регионот ги обновија своите аспирации за германскиот гигант и испратија понуди до компанијата.

Романија, Србија, Бугарија, Хрватска повторно се вклучија во наддавање за инвестицијата од  над една милијарда долари на Фолксваген.

Романија ги објави плановите да разговара со германската канцеларка Ангела Меркел за идната фабрика на „Фолксваген“ за производство на автомобили.

Во исто време, се натпреварува и Србија. Претседателот  Александар Вучиќ ќе се сретне со германскиот министер за економија, да разговараат за автомобилскиот гигант, при што Вучиќ изјави дека ќе дадат се од себе, односно дека Србија може да понуди субвенции за странска компанија што другите земји не можеа да ги понудат.

Бугарија, која беше првиот конкурент на Турција најави дека за да го обезбеди договорот за новата фабрика, земјата е подготвена да ги удвои субвенциите што ги нуди на Фолксваген.

И Хрватска влегува во трката за инвестиција пишува Вечерни лист, кој се повикува на извори од Министерството за економија.

Што се однесува до инвестицијата на германска компанија, премиерот Заев пред неколку месеци изјави дека германски гигант решил да инвестира во Македонија.

За 6 месеци во земјава ќе дојде голема германска компанија со инвестиција од над 100 милиона евра! Засега не го кажувам името, но ќе се дознае“, рече Заев.

Подоцна во медиумите се објави дека тој гигант е „Фолксваген“, за да подоцна компанијата реши да инвестира во Турција.

Но,  пред неколку дена престижниот Блумберг , напиша  (според информации од компанијата) дека во финална фаза биле земени во предвид покрај Турција и Бугарија, Србија, Романија и Северна Африка. Со ова Фолксваген  всушност потврди  дека Македонија никогаш не влегла во финална фаза за избор, ниту пак било планирано да се гради фабрика во Македонија.

Инаку, инвестицијата на VW се очекува да достигне над 1 милијарда евра. Фабриката најверојатно ќе произведува 300.000 возила годишно, вклучувајќи ги и Пасат и Шкода супер, и ќе бидат извезени во Источна Европа. Фолксваген треба да  ангажира околу 4.000 вработени за фабриката.