Петтиот економски антикризен пакет да се донесе во јануари и да содржи мерки за одржување на ликвидноста, за даночно олеснување и одложување на даночните обврски, како и субвенции за задржување на вработените, бара Сојузот на стопански комори (ССК).

Овие предлози, соопшти ССК, ќе бидат доставени до Владата.

Според Сојузот, реалниот сектор очекува да траат најмалку до април и финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош и бескаматните кредити.

ССК напоменува дека деловните субјекти во земјава, особено малите и средни претпријатија, се уште се наоѓаат во исклучително тешка состојба, некои се уште со рестрикции во вршење на дејноста, но и оние кои можат да работат се соочуваат со намалена потрошувачка, откажани нарачки и пласмани. Директна таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци. Потребно е и да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината.

Економските мерки за поддршка на стопанството и намалување на штетните последици од кризата треба да имаат континуитет, бидејќи само така може да се одржи економската активност на што поголем број правни субјекти и да се избегне загубата на работни места. Дисконтинуитетот во доделување на поддршката може да доведе до намалување на постигнатите ефекти и до забавување на излезот од кризата. Несоодветната имплементација или предвремениот прекин на економските мерки може да предизвикаат сериозни негативни ефекти во справувањето со кризата, чие надминување во тој случај ќе бара ангажирање на повеќе време и ресурси, наведува ССК.

Сојузот апелира за ефикасна и ефективна имплементација на мерките за намалување на сивата економија, што е неопходно особено во услови на криза за да се избегне даночна евазија. Не е добро, смета, средствата за поттикнување на потрошувачката да завршуваат кај нерегистрирани субјекти кои не придонесуваат во државниот буџет. Потребно е и да се интензивираат и активностите поврзани со имплементација на укинувањето на парафискалните давачки кои се дополнителен товар сред криза кога значително е намалена деловната активност на претпријатијата. Неопходно е и да се подобри динамиката на имплементација на мерките од четвртиот пакет, бидејќи некои од нив како таа за државната кредитна гаранција се уште не се имплементирани.

Апелираме петтиот пакет економски мерки да се донесе во јануари, со цел обезбедување предвидливост и сигурност што е особено важно за планирање на активностите на економските субјекти за наредниот период. Тоа е важно за да нема прекин кај економските оператори кои немаат воопшто никакви или имаат значително намалени приходи поради рестриктивните мерки, на кои овие средства им се неопходни за да се зачуваат работните места, нагласува Сојузот на стопански комори.