Според Деловниот, пленарна расправа трае најмногу пет работни дена и се очекува тој да биде донесен до следната недела, по што ќе почне и реализацијата на четвртиот сет економски мерки

Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година, кој содржи амандмани од комисиската расправа, од денеска е на пленарна седница.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на 196,3 милијарди денари, што е речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходниот ребаланс беа проектирани на реално ниво, односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции.

Вкупните расходи, пак, се на ниво од 252,8 милијарди денари или за 4,1 отсто (околу 10 милијарди денари) повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,49 отсто од БДП.

Имајќи ги предвид настанатите околности, според предлагачот, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот, пред сè, за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет мерки.