Стартап компанијата која овозможува преку специјална платформа луѓето во САД да можат да нарачаат пица од некоја од локалните пицерии, со што им се помага на малите пицерии да можат да се справат со конкуренцијата од големите ланци, по канцелариите во Дебар и Охрид во кои работат 350 млади луѓе од различни профили, утре официјално отвора канцеларија и во Скопје.

Компанијата Слајс која  преку наменски дизајнирана платформа на американците им нуди можност да пронајдат локална пицерија и да направат онлајн нарачка, со што им помага на помалите пицерии да го зголемат бизнисот и бројот на клиенти, по канцелариите во Дебар и Охрид во кои работат 350 млади луѓе од различни профили, утре официјално ќе отвори канцеларија и во Скопје. Во новата канцеларијата во главниот град, која е сместена во Бизнис центарот Синерџи, се планира до крајот на годината да има 150 вработувања, односно 200 нови вработувања во трите канцеларии преку кои се реализира иновативната идеја на Илир Села, по потекло од Дебар, која тој ја преточил во стартап компанија, создавајќи еден вистински профитабилен бизнис во САД.

Бев вчудоневиден кога дознав дека 26 милијарди долари од индустријата за пици која во САД е во вредност од 40 милијарди долари, е во сопственост на локални пицерии, а сепак огромното мнозинство од нив сѐ уште работат на ист начин како што тоа го правеа пред 50 години, односно дека 90 отсто од онлајн нарачките ги прават големите ланци на пицерии“, вели Села чие семејство и многу пријатели во САД биле во бизнисот со пицерии.

Тоа и му дало поттик да влезе во овој бизнис со кој ќе им овозможи на луѓето од САД, преку специјална платформа и апликација, да можат да нарачуваат пици од своите омилени локалните пицерии, со што истовремено ќе им помага на малите пицерии да останат конкурентни на пазарот и покрај енормното присуство на големите синџири како Папа Џонс или Пица Хат.

Развојот на бизнисот барал голем ангажман и солидно познавање на информатичките технологии. Затоа Села добил идеја иднината на својата компанија да ја стави во рацете на талентираниот македонски млад кадар, од различни области, способен да ги задоволи потребите на инвеститорот. И, ако кога ја формирал фирмата започнал со еден вработен, веќе на крајот на првата година имал 100 вработени. А сега, по осум години ќе има над 500. Слајс, иако е американска компанија формирана во Њујорк каде, исто како и во Белфаст има канцеларии, денес практично голем дел од својот успех го темели токму на операциските тимови во Северна Македонија, односно на вработените во Охрид, Дебар и сега во Скопје.

Со добра поставеност, професионалност и ефективност, македонскиот тим овозможува услугите на Слајс да бидат достапни за нивните клиенти 24/7 и нарачките да бидат навремено доставени до секоја адреса без разлика каде се наоѓа. Пицериите ја добиваат нарачката и потоа сами ја вршат доставата. За таа услуга тие на Слајс му плаќаат фиксна сума од 1,95 долари за секоја нарачка направена преку овој сервис, без разлика на цената на нарачката. Притоа, за разлика од други платформи во САД, компанијата не наплаќа ништо од корисниците на нарачката, туку тие ја добиваат пицата по иста цена.

Бројот на пицерии и градови опфатени со услугата која ја нуди Слајс е во постојан пораст, а во моментов компанијата опслужува 10.000 пицерии во 2.000 градови во САД, што се должи на задоволството на клиентите чиј бизнис токму благодарение на онлајн нарачките се зголемил за 4 до 6 пати.

Меѓутоа, Слајс не е само контакт центар преку кој се врши нарачка и испорака на пици, туку компанијата која дава целосни услуги: одржување на онлајн присуство на сите партнерти овозможувајќи им на корисниците брзо и ефикасно пребарување и пристап до нивните менија, истражување на пазарот; склучување нови партнерства, оптимизација на веб страните на постоечките партнери, како и интеграција со GoogleMyBusiness. Профилот на вработени е различен – од ИТ експерти и специјалисти за дигитален маркетинг, преку агенти за продажба, лица задолжени за корисничка поддршка, за човечки ресурси, менаџери на проекти и менаџери за работна сила, ресторан оператори, аналисти, вработени во финансискиот и правниот сектор и други. Компанијата на своите вработени им овозможува одлична работна атмосфера и можност за професионален напредок во кариерата.