Европската централна банка го претстави новиот изглед на банкнотите во апоени од 100 и од 200 евра, коишто ќе бидат пуштени во промет на 28 мај 2019 година, па се поставува прашањето што ќе биде со старите.

Покрај заштедите што ги имаат граѓаните на Македонија во банките, околу 3,6 милијарди евра, неколку милјарди евра се кријат во „удели“.  Иако банките лесно ќе се снајдат со трансферот и пуштањето во оптек на новите банкноти, граѓаните се загрижени како да постапат со еврата кои ги поседуваат.

Банкарите уверуваат, штедачите можат слободно да дишат, бидејќи старите банкноти нема да пропаднат, ниту ќе ја изгубат вредноста поради воведувањето на новата “хартија”.

Најголема работа е прилагодувањето на банкоматите

Да потсетиме, Европската централна банка презентираше нови верзии на банкнотите од 100 и 200 евра, со нови подобрени безбедносни карактеристики кои го отежнуваат нивното фалсификување. Тие вклучуваат различни холограми на сребрената лента и “смарагд број” кој ја прикажува вредноста, овој пат во посилна форма со мали симболи “евро” во внатрешноста на броевите.

Исто така, дизајнерите ја намалија големината на банкнотите кои сега се еднакви со оние од 50 евра. Како што велат од Европската централна банка, најзначајната промена како резултат на издавање на нови банкноти ќе биде приспособувањето на повеќе од еден милион банкомати.

Паралелно со старите

Банкарите нагласуваат дека нема потреба евро банкнотите од првата серија да се разменуваат за новите серии. Со други зборови, сите стари банкноти остануваат во промет без временско ограничување.

Банкнотите од 100 и 200 евра се последни од серијата „Европа“, бидејќи веќе се во промет пет, 10, 20 и 50 евра, додека банкнотата од 500 евра нема да се печати. Сите банкноти од оваа серија имаат подобрени елементи на дизајн и заштита во однос на банкнотите од првата “А” серија, која ќе продолжи паралелно да биде во оптек без временско ограничување.

Апоените од 50 евра се најчесто употребувани

Инаку, новата банкнота од 50 евра беше пуштена пролетта 2017 година. ЕЦБ забележува дека апоените од 50 евра се најчесто употребувани, од сите апоени во евра. Повеќе од осум милијарди банкноти во оптек се апоени од 50 евра, што сочинува 45 отсто од вкупните апоени во оптек.

ЕЦБ веќе во мај 2013 година ја замени банкнотата од пет евра, во септември 2014 апоените од 10 евра и во ноември 2015 година банкнотата од 20 евра. Европската централна банка најави дека до крајот на 2018-та година ќе престане да ги печати банкнотите од 500 евра, поради загриженоста дека оваа виолетова банкнота криминалците најмногу ја користат за перење пари, па дури и за финансирање терористички активности.