Европската комисија во име на Република Македонија, го објави огласот за избор на изведувач на градежни работи за изградба на три системи за наводнување во Чаушица, Славишко поле и Колибари. Овие три системи се дел од проектот финансиран од Европската унија за изградба на мали нискотрошковни еколошки прифатливи системи за наводнување.
Областа Чаушица се наоѓа во Југоисточниот регион на Република Северна Македонија, на територијата на селото Дрвош, во т.н. Хамзали, во општина Босилово. Изградбата на новиот систем за наводнување во овој регион ќе опфати наводнување на околу 85 хектари земјоделско земјиште над главниот канал Турија.
Системот за наводнување на Славишко Поле се наоѓа во општината Ранковце и од неговата реализација ќе имаат придобвка над 250 земјоделци од селата Псача, Ранковце и Гиновце, со вкупно 1.507 жители. Изградбата на овој систем ќе овозможи наводнување на 200 хектари земјоделска површина.
Системот за наводнување Колибари се наоѓа во југозападниот плански регион, во општина Кичево, по должината на Зајаска. Изгрдабата на овој систем ќе придонесе за наводнување на 162 хектари обработливо земјоделско земјиште, поделено помеѓу селата Колибари и Црвивци.
Со проектот на ЕУ „Мали нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување“ е предвидена изработка на проектна документација за изградба на 8 мали системи за наводнување на неколку локации во државата.
Овој проект е само дел од целокупната стратегија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на инвестициите во водостопанската инфраструктура. Капиталните инвестиции во изградба и реконструкција на системи за наводнување и брани беа клучен приоритет изминативе две години, бидејќи наводнувањето е основа за конкурентно земјоделско производство. Започната е реализацијата на крупни капитални проекти како што се браната Конско, Пишица, системите Равен Речица, Хс Лисиче, ХС Злетовица, проектот со ЕУ за мали еколошки системи за наводнување и други, коишто ќе овозможат наводнување на нови 32.500 хектари.
Comments are closed for this post.