И годинава продолжува лошата пракса на слаба, односно катастрофална реализација на капиталните инвестиции.

Документот објавен на министерството за финансии, за  извршување на Буџетот за јануари 2019- та  година, покажува дека реализацијата  на капиталните инвестиции  во  месец јануари  изнесува  1,09 %.

Од  Буџетот за 2019 година, за капиталните инвестиции се издвоени  26  милијарди денари или 418 милиони евра.

На презентацијата на Буџетот, економските министри заедно со премиерот,   најавија економска година и  сериозна реализација на капиталните инвестиции.

Во однос на капиталните расходи истакнаа дека полесно ќе се реализираат затоа што, за разлика од  минатата година сега немало  проблеми во проектните документации и  претходни прашања за решавање.

Во фокусот,  според премиерот, годинава  ќе има  изградбата на патиштата,  железница,  гасификацијата, инвестиции со јавни приватни партнерства и со концесии во повеќе области, како што се енергетиката, инфраструктурата, земјоделството

Инаку, во 2018 година Владата успеа да потроши само 65,6 % од парите што ги планираше за капитални инвестиции. Конечните податоци покажаа  дека од ланскиот буџет за проекти од инфраструктурата, како патишта, железница, водоводи, канализации, брани, системи за наводнување и училишта биле потрошени 197 милиони евра што е најниска сума во последните 10 години, односно дека 2018 е најлошата година за капиталните инвестиции.