Започна реновирање на старото училиште во Росоман, дел од проект за прекугранична соработка со Грција, вреден 508 илјади евра. Проектот е насловен „Земја на виното“, дел е од ИПА фондовите на Европската Унија. Фондацијата „Тиквешки вински пат“ го реализира заедно со општина Росоман, а партнери од грчка страна се едно министерство, еден факултет и италијанско-грчката комора.

Директорката на Фондацијата, Виолета Јанкова, на дегустацијата на традиционална храна и вина од Тиквешијата, а која беше во рамките на проектот, појасни дека реновираниот објект ќе има амфитеатар, сала за дегустации, изложбен дел, туристичко информативен центар и канцеларии и училници за обука и едукации.

Наредните седум години, Фондацијата и општината ќе управуваат со тој центар. Пред присутните, меѓу кои и претставници на надлежни министерства и државни агенции, винарии и туристички агенции, се обрати Фрејк Јанмаат од Европската делегација, кој говореше за програмите и проектите кои ЕУ ги финансира во Македонија.

„Тиквешки вински пат“ функционира од 2006 година. Досега има реализирано четири проекти за реновирање на големи објекти со европски пари, меѓу кои и првиот музеј на вино. Јанкова најави и други проекти за во иднина, како и заеднички туристички пакет за нашата држава и соседна Грција. Како дел од винските патишта на Европа, Фондацијата во иднина ќе организира настани на кои ќе учествуваат останатите членки, кои исто така развиваат вински туризам. Целта е да се развие тој туризам на едно повисоко ниво во македонски рамки.

Задоволство од реализација на проектот кој треба да заврши при крајот на годината, изрази и градоначалникот на Росоман Бранко Јанев. Со него, тој очекува поголема туристичка афирмација на регионот.