Реформата за праведното оданочување е успешна. Економските резултати се исклучително добри од почетокот на годината и најважно е што се користат за социјалната реформа, односно обезбедување фер општество и праведен раст за сите.

Ова го оцени министерот за финансии Драган Тевдовски  на прес-конференција презентирајќи ги ефектите и резултатите од  реформата што стартуваше на почетокот на оваа година.

Тевдовски наведе седум факти за економските резулати по спроведување на оваа реформа, што се однесуваат на зголемена вработеност, раст на платите, раст на платите и вработеноста на ИТ секторот, раст на даночните приходи од личен доход, позитивни резултати кај бизнисите и раст на економијата.

Бројот на вработени е зголемен за 17 000 лица во првите три месеци од годинава, односно по воведување на праведниот данок. Невработеноста во првите три месеци од 2019 година е сведена на најниско ниво од споведување на анкетата на работна сила или 17,8 отсто што е за 1,6 отсто пониско ниво во однос на последното тримесејче од 2018 година. Иако, пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, односно само за едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17 000 лица, рече министерот.

Потенцира дека по воведување на прогресивното оданочување нема намалување, туку и зголемување на просечната плата на програмерите за 5,5 отсто во споредба со првото тримесечја од 2018 година.

Министерот оцени дека има добра наплата на данокот на личен доход каде за 17,4 отсто има повеќе наплата во споредба со истиот период лани. Ова, истакна, е спротивно на одредени тврдења пред воведување на праведното оданочување, дека ќе ја зголеми даночната евазија.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со предизборното ветување за 500 евра просечна плата, рече дека тој е поборник платите да растат бидејќи најголемиот дел од граѓаните живеат од својот труд. Посочи дека веќе има раст од 3,4 отсто и оти ќе се подолжи да се прави притисок за раст на платите и на давање поддршка во бизнис задницата.