Сојузот на синдикати на Македонија смета дека законските измени кои ги разработува Министерството за труд и социјална политика нема да им овозможи на работниците строго да не работат во недела, затоа што работодавачите ќе имаат можност преку посебни закони и колективни договори да им го ограничат ова право.

Иако Владата ја поздрави иницијативата и ја прифати истата за утврдување на недела за неработен ден за работниците, предложениот Предлог Закон за измени и дополнување на Законот за работните односи доставен од страна на Министерството за труд и социјална политика, не оди во правец на уредување на ова право недела да биде неработен ден за работниците во Државата. Напротив со Предлог Законот за измени и дополнување на Законот за работните односи се уредени варијанти и можности со посебните Закони и Колективните договори дополнително да се ограничи ова право за работниците, соопштуваат од ССМ.

Од таму велат дека законот за работните односи е основен, базичен Закон за правата од работен однос и во истиот треба да се регулира ова право за работниците, а не да се остава можност ова право дополнително да се уредува во секоја дејност и секој работодавач посебно.

Сметаме дека евентиуалните исклучоци од Законски регулираното право недела да биде неработен ден за сите работниците, треба да се уредат во ЗРО врз основа на анализа за нужните дејности во кој работниот процес мора да се одвива континуирано без прекин во недела, утврдени од страна на трипартитно работно тело формирано од Социјалните партнери членови на ЕСС, смета синдикатот.

Предлог на ССМ е работниците кои по исклучок се ангажирани да работат во недела задолжително да имаат право на зголемување на основната плата на работникот, по час најмалку за дополнителни 50 отсто за работа во недела, како и право на слободен ден во текот на неделата.

Предлогот на МТСП според нас е исклучиво во насока на утврдување на постапка која треба да ја спроведуваат работодавачите за работниците да работат во недела, а не да се утврди право дека недела е неработен ден, стои во соопштението на Синдикатот.