Собранието ја почна расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година. Дополнетиот предлог ги содржи 12-те прифатени амандмани во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет. Во фокусот на буџетот во 2020 се инвестиции во човечкиот капитач, а пред пратениците го образложува министерката за финансии Нина Ангеловска.

– Буџетот 2020 носи мото „Инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само посреќни и помотивирани на нивните работни места можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома, истакна министерката.

Таа додаде дека во таа насока буџетот 2020 година е сериозно насочен кон основните три столба за негов развој, ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди и 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации.

Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

Расправта по буџетот согласно деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на тоа како изгледа доставениот предлог буџет. Координаторот на партеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека од Владата и Министерството за финансии добиле предлог буџет, кој наликува на политички памфлет, со насловна страна.

Тој повика, согласно Деловникот, предлагачот да го усогласи доставениот буџет со одредбите на Деловникот, кои предвидуваат што треба да содржи предлогот.

Претседателот Талат Џафери образложи дека тој добил предлог согласно Деловникот и дека врз основа на тоа е почната процедурата за закажување седница.

На стартот на пленарното заседание Мицевски, исто така, реагираше поради пролонгирањето на почетокот на седницата на чиј дневен ред е расправата за Буџетот за 2020 година, на што собранискиот претседател Џафери образложи дека поради негови активности на свечена академија повод 25-годишнината на Тетовскиот универзитет, побарал од службите да се одложи почетокот од 13 часот.

По скратена постапка за усвојување на дневен ред на оваа седница е и Предлог – законот за извршување буџет за 2020 година.