Предлог-буџетот за 2019 година од денеска е на расправа пред матичната Комисија за финансирање и буџет, која според Деловникот може да трае 10 работни денови. Предлогот пред членовите го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски. За мнозинството тој е развоен и социјален, за опозицијата мегаломански.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлог буџетот е мегаломански и најголем досега, неразвоен со популистички мерки.

Втора година по ред ја водите државата и секоја година ги влошувате економските услови. Ги имавте најкатастрофалните економски политики во време кога Европа имаше стапки на раст, рече Кузмановска која и порача на власта да преиспита како ја води државата и економските политики.

Осврнувајќи се на предлогот рече дека капиталните инвестиции иако се зголемуваат согласно слабата реализација нема да се реализираат и во 2019 година, намалување ќе има кај проектите за водснабдување, за културата, за гасификацијата е повисока но според темпото на работа нема да се исполни, намалување на средствата има во делот на животната средина, помалку средства за студентскиот стандард…

За да може да се има целосна реализација на капитални инвестиции и да не биде само голо препукување меѓу партиите мислам дека е потребно заедничко вклучување. Да се направат приоритети за да не биде само популистичко читање овде, а ние како опозиција да критикуваме и на првиот ребаланс да не биде ништо остварено. Совет е да се направат приоритети тие што се први и важни заеднички да се изработат тие програми и да се држиме на тие решенија, а не дијапазаон на многу поекти а ништо да не е реализира, рече Кузмановска и порача дека на власт треба да се работи.

Потенцира дека граѓаните треба да знаат дека во буџетот наредната година се зголемуваат приходите со зголемени даноци, акцизи и придонеси при што се намалуваат субвенциите во земјоделството.

 Лесно ви е за собирање на приходите, но како ќе ги реализирате и дали знаете институционално да ги реализирате, рече Кузмановска и оцени дека буџетот се полни и оти нема потреба од прогресивно оданочувње, за што според неа, Македонија како држава и нејзината економија не се подготвени за прогресивно оданочување.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предлог буџетот е спротивно на ветувањето од времето на изборите и досега најголем.

СДСМ велеше дека не е потребен толкав буџет, бидејќи половина од буџетот се троши за споменици, а половина се крадат. Условно прифатено дека не се краде, 500 милиони евра има вишок, а гледаме дека не се прават споменици, освен ДУИ што прави по некој орел, велиме како сега е најголем буџетот на РМ и зошто е спротивно на ветувањето на СДСМ и зошто има потреба да се зголемуваат даноците, рече Димовски.

Тој забележа дека буџетот на прихдоната страна нема законска основа бидејќи е креиран со претпоставка за изгласување на законите за зголемување на даноците. Оцени дека нема потреба од зголемување на даноците и оти тоа нема да се придонесе за зголемување на приливите, туку ќе се случи намалување на приливите.

Забележа што попладнево не е присутен министерот за финансии Драган Тевдовски на првиот ден од расправата по буџет.