Со 30 милиони евра од Светска банка ќе се спроведува проект за подобрување на човечкиот капитал во Македонија. Договорот е потпишан од Светска банка, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика, а активностите ќе ги спроведува МТСП.
Почетокот на проектот беше објавен денеска на Конференцијата „Поттикнување на економскиот раст преку вложување на човечкиот капитал во Западен Балкан” што денеска се одржа во организација на Министерството за финансии и Светска банка.
Мора да ги штитиме децата бидејќи тие се нашиот влог и капитал за иднината, рече премиерот Зоран Заев и додаде дека образованието мора да се реформира и да се понуди квалитетна образовна програма што ќе ги искористи и дополнително ќе ги унапреди потенцијалите и талентите на нашите деца за да израснат во подготвени и спремни кадри за пазарот на трудот.
Македонија и земјите од Западен Балкан треба да презамат реформи за подобрување на човечкиот капитал, за тој да биде на светско ниво и да придонесе кон поголем економски развој, рече потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер.
Според него, согласно сегашната состојба во земјите од Западен Балкан детето родено денеска ќе има 60 години кога ќе го достигнеме просекот од ЕУ.
Светска банка има вложено 433 милиони долари во проекти за развој на човечки капитал во Македонија, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски, напоменувајќи дека станува збор за вештини и иновации, модернизација на образованиот сектор, реформа на средното техничко стручно образование, доделување училишни грантови, изградба и реконструкција на училишта и градинки.
Comments are closed for this post.