На откупниот пункт во Прилепскиот тутунски комбинат денеска беше и официјално означен стартот на откупната кампања на тутунот од годинашнава реколта. Тутунарите го донесоа родот на вагите и како што велат, очекуваат и се надеваат добро да поминат со процената.
Засега е добро, донесовме околу 300 килограми, има во сите класи, па ќе видиме, вели тутунопроизводителот Гоце Стојкоски иако се нагласува дека откупните цени треба да бидат повисоки.
Прилепскиот тутунски комбинат е подготвен да ги откупи договорените количини, а ќе се плаќа во рок од три дена, вели директорот на комбиантот Кире Станкоски
Ќе работиме на 24 пункта со 34 ваги и ќе плаќаме во рок од три дена, вели Станкоски.
Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, се очекува стабилен откуп на тутунот. Има 195 пунктови, а родот не се очекува да биде помал од 23.500 тони.
Го означуваме почетокот на откупот на тутунот на реколтата 2018. До денес се пријавени 195 откупни пунктови каде Државниот земјоделски инспекторат ги направи сите проверки и очекуваме стабилен, сигурен откуп. Засеани се 14 802 хектри, а склучени се 34.104 договори со девет откупни претпријатија, што е за 4.700 договори повеќе од лани и на околу 400 хектари повеќе. Пријавени за откуп се 29.000 тони, но поради лошите временски услови и да не се постигне оваа бројка, секако реколтата ќе биде над 23 500 тони колку што беа лани Ова покажува стабилен пораст на тутунопроизводството, особено поради ланската, досега највисока просечна откупна цена од 217,6 денари за килограм и по воспоставувањето нов модел на исплата на субвенциите по три нивоа (80,70 и 60 денари по класи). Тоа беше владиниот сигнал за поддршка на тутунопроизводството, но и на целиот земјоделски сектор кој е база на нашата економија, изјави Николовски.
Новиот закон за тутун е во владина процедура и се очекува да биде донесен до крајот на годинава. Со законот ќе се укинат белите картони, односно евидентните листови, но тоа ќе биде постепено за што в година ќе има пилот проекти за да се намалат административните процедури и да се зголеми тутунопроизводството.
Тутунот обезбедува 100 милиона евра девизен прилив во државата годишно и егзистенција за над 23 000 семејства во Македонија.
Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат Благој Индов, осум од деветте откупни фирми докажаа дека имаат обезбедено средства и кај нив се е во ред со почетокот на откупот денеска.
Единсвено фирмата „МНисиријан“ од Струмица нема обезбедено средства за исплата на откупот. ќе дадеме рок до 15 декември, кога законски сите мора да го почнат откупот, рече Индов.
Тутунските здруженија ќе го следат откупот. Според Перо Стојкоски од Сојузот на тутунските здруженија, има повереници на сите пунктови.
Нема да дозволиме манипулација од откупувачите. Имаме повереници на сите пунктови и очекуваме проценката да биде реална, изјави Стојкоски.
Comments are closed for this post.