На собраниската седница за пратенички прашања, премиерот откри детали од новиот пакет мерки за санирање на економските последици од здравствената криза

Бришење на каматите на долговите што граѓаните ќе се согласат да ги платат на 12 рати, финансиска поддршка за угостителството, транспортот и медиумите… Ова се дел од мерките за кои се размислува да бидат вметнати во петтиот антикризен пакет, како што објави премиерот Зоран Заев, на денешната собраниска седница за праатенички прашања.

„Мерката е да ги избришеме сите камати по долгови, што граѓаните ги имаат кон државните и општинските институции, за долгови кои се постари од три месеци, под услов да си го регулираат долгот на 12 рати. Тоа значи за вода, за парно, даноци кон државата, кон станбените претпријатија, кон водостопанските претпријатија. Целта ни е, не веднаш да го платат долгот, не можат веднаш, туку на 12 рати да склучат договори, но да ги избришеме комплетно каматите и со тоа да им олесниме. Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, коишто не може да ги наплатат и редовните сметки, заради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите кои се за физички лица, за граѓаните кои допираат до државните и општинските институции. Со законско решение тоа е можно“, рече Заев.