Одговорноста за ненавременото реагирање и спречување за сторениот криминал во „Еуростандард банка“ не може да биде лоцирана само во Народна Банка туку и во други надлежни државни институции кои согласно нивните законски надлежности не реагирале на известувањата од Народна Банка за да го спречат криминалот и да ги казнат сторителите на криминалните шеми со издавање на непокриени кредити во банката, смета здружението Оштетени штедачи.

Членовите на ова здружение сметаат дека пропаста на банката се одвивала со „правен“ грабеж на сопственоста во депозити на  граѓаните и фирмите и тоа во тек на повеќе години континуирано, почнувајќи од 2013 година па наваму.

Штедачите од увидот на стечајниот управник веќе соопштија дека пред две години бил доделен кредит на приватна фирма од Струмица во висина од околу 600 илјади евра со гаранција од само 5 отсто од вредноста на кредитот даденa во недвижен имот, а истиот не е вратен воопшто.

Тоа е само еден од многу таквите случаи на одобрувани кредити со ултра висок кредитен ризик во кредитното портфолио на банката. Според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник, се делеле многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити или кредити покриени единствено со меници, а пред се поради лошото управување со кредитното портфолио поради непостоење или целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик. Воедно, се констатира и некомпетентност на одговорните лица односно извлекување на пари од банката преку доделување и одобрување на кредити без соодветни гаранции. Фактите од извештајот говорат дека вкупните средства на банката биле прилично под границите на несолвентност“.

Штедачите прашуваат како е можно да Народна банка да не го утврдила тоа масовно и свесно доделување на ненаплатливи и тешко наплатливи кредити со целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик, кредити кои воопшто не се враќани со години и кои очигледно биле давани за да не се вратат воопшто.

Какви оценки давала Народна банка за кредитниот ризик и управувањето со истиот во банката при вршењето на супервизијата како нивна законска обврска и надлежност? Зошто Народна банка не ги одземала лиценците на одговорните луѓе во банката поради злоупотреба и некомпетентност односно криминалното излекување на пари од банката? Зошто кога констатирала злоупотреби кои почнале да се случуваат во банката пред неколку години, Народна банка не поднела кривични пријави за злоупотреба на службена должност и овластување на раководните луѓе од банката кои ја креирале и спроведувале оваа пљачка на парите од депонентите, физички и правни лица, повеќе години наназад“.

Според здружението Оштетени штедачи Народната банка и останатите релевантни државни институции се одговорни најмалку поради фактот што не реагирале на време да го заштитат личниот имот – парите на физичките лица и фирми депоненти на банката и дозволиле да бидат опљачкани во целост.

Извештајот од стечајниот управник покажува дека во време на пандемија сме оставени на немилост на државата, крадците од банката и фирмите преку кои се делеле нашите пари. Фактите од извештајот покажуваат и дека оваа стечајна постапка нема да биде ниту брза ниту лесна токму поради огромниот криминал што е направен. Поради сето тоа, државата мора да најде начин да не обештети нас депонентите, а потоа да влезе во стечајната маса и да расчисти со криминалот и да ја впаричи стечајната маса и преку наплата на личниот имот и имотот на семејствата на крадците од банката, а и сите останати кои биле вклучени во криминалот. Такви и слични примери има многу во европските земји кои во целост ги обештетиле граѓаните и фирмите депоненти на пропаднати банки. Нашата држава треба да покаже дека заслужува да биде дел од тоа европско семејство со справување на криминалот и корупцијата од овој голем скандал како прва лекција од претпристапните преговори“, апелираат штедачите.