Оштетените штедачи од Еуростандард банка, бараат правда и правичност врз основа на нивното поведување на постапка до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки. Имено, со истиот се дава предимство за целосно подмирување на побарувањата на државниот Фонд за осигурување на депозити од стечајната маса пред побарувањата на сите останати доверители.

„Правда за штедачи“ смета дека овој член создава нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка, со оглед на тоа дека се фаворизира побарувањето на Фондот за осигурување на депозити наспроти другите доверители.

 

 

Впрочем, преку 700 физички лица и 2000 компании не можат да ги наплатат своите побарувања од стечајната маса поради загубите на банката, кои следуваат по ненаплатувањето на кредити со висока вредност.

Штедачите наведуваат дека ваквата поставеност на Фондот не само што прави нееднаквост и дискриминација према сите други доверители туку и дава многу лагодна позиција на истиот да ги наплати неговите побарувања кои се единствено можни да се наплатат од стечајната маса на банката. Од друга страна, сите останати физички и правни лица депоненти на банката, ќе бидат оставени на немилост на системот којшто не само што не не заштитил од грабежот во банката на време туку и на ваков начин би дозволил и да бидеме целосно оштетени. Еднаш оштетени од грабежот во банката и повторно оштетени преку стечајната постапка! Финанските средства со кои располага Фондот всушност, во најголем дел, произлегуваат од депозитите во банките и штедилниците. Тоа не се државни пари туку тоа се пари кои се добиени врз основа на депозитите во банките, а самите банки се должни, врз основа на закон, да уплаќаат премија во Фондот како осигурување од несакан настан односно стечај на банка.

Зошто Фондот да има право на наплата на своето побарување пред сите доверители, кога фирмите – депоненти не се претходно обештетени, туку своето побарување го реализираат единствено преку постапката за стечај?

Зошто Фондот да има предност и пред фирмите во целосно намирување на своите побарувања од стечајната маса? Која е законската и уставна основа за вакво дискриминаторно решение, се запрашуваат оштетенитењ штедачи.

Имено, тие потенцираат и дека во други земји има решенија за ваква состојба покриени со Законот за банки. Поконкретно, во Хрватска фондот, не само што нема приоритет за наплата, туку не е ниту во ист ред, односно редоследно за наплата е зад депонентите – физички и правни лица.

Оттаму велат дека и се надеваат Уставниот суд да донесе привремена мерка за извршување на сите подзаконски акти или дејствија што се превземени со дадениот член од Законот за банки се до носење на конечната одлука на судот по ова прашање.