Иако предлог законот за Државна помош од 6.000 денари стигна во Собранието, сѐ уште не е ставен на дневен ред, а неизвесно е кога истиот ќе биде изгласан. Во него стои дека лицата со месечни примања под 15 илјади денари, евидентирани во ПИОМ до 27 октомври ќе добијат помош на трансакциската сметка во банката, со која ќе потпишат договор во рок од 5 дена по влегување на законот на сила.

Државната помош од 6.000 денари пензионерите, самохраните родители, невработените и младите до 29 години, ќе треба да ја искористат за неколку дена, откако ќе им легнат парите. Конечната листа на корисници пак, со име, презиме и банка каде ќе се врши уплатата, Генералниот секратаријат ќе ја објави на страната на купувам домашно во рок од 8 дена по стапување на сила на законот, а за самохраните родители, на кои статусот го утврдува центарот за социјални работи во рок од 12 дена.

За лицата пак, кои ќе поднесат приговор, Ген секратаријат ќе им одговори и ќе достави конечна листа до банките во рок од дваесет дена. Со овие пари граѓаните нема да можат да купуваат каде што сакаат, туку само во објектите кои ќе се регистрираат на интернет страната Купувам домашно, во рок од 5 дена по изгласување на законот.

Парите нема да може да се подигнат во кеш и со нив нема да може да се плаќаат производи и услуги на фирми кои нема да се пријават како даватели на услуги. Помошта треба да се искористи до 25 декември. за што Владата издвои 27 милиони евра.

Државната помош од 6.000 денари за пензионерите, невработените и самохраните родители ќе се исплаќа директно на трансакциска сметка.

Платежни картички нема да се печатат за да се спречи гужвата пред банките и да се заштити здравјето на граѓаните, но и за да се намалат трошоците, затоа што сега нивната изработка би била на терет на државата, вели Фатмир Бесими, министерот за финансии.

Од Владата без конкретен одговор како ќе се контролира дали оваа помош ќе се употреби за купување македонски производи, со цел да се помогне домашната економија. Велат дека банките кога ќе ја имаат фискалната каса, ќе имаат евиденција колку од производите се домашни.