Членовите на Здружението „Правда за штедачи“ се длабоко убедени дека во овој случај правото е на нивна страна и дека правдата ќе надвладее со позитивната одлука на утрешната седница на Уставниот суд.

Здружението ги повикува судиите на Уставниот суд, при одлучувањето да се концентрираат само на Уставот и законите, бидејќи само тоа може да гарантира дека ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат заложбите за владеење на правото. Оспорената одредба од предметниот закон му дава предимство на Фондот за осигурување на депозити за целосна наплата на побарувањата од стечајната маса пред сите останати доверители. На таков начин, се врши нееднаквост и дискриминација на физичките и правни лица доверители во банката кои се ставени во крајно нерамноправна положба и се директно оштетени, а сето тоа е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот.

Македонија е единствена земја во Европа и пошироко во која фирми депоненти во банка не се заштитени и не се обештетуваат во случај на пропаѓање на истата. А такви „изгорени” фирми има околу 2 000 во ограбената Еуростандард банка. Фондот за осигурување на депозити не ги обештетува фирмите додека во случај на стечај се поставува пред нив и им ги зема сите средства во стечајната постапка. Државата ги оштетува фирмите со закон додека законски им наложува и ги обврзува да работат исклучиво преку банкарскиот систем. Ваква штетна законска одредба не постои во ниту една земја во Европа, којашто во основа е и длабоко неуставна.

За нас нема дилеми, одредбата од член 163 став 3 од Законот за банки е очигледно неуставна и Уставниот Суд како таква треба да ја укине и стави вон сила. Во интерес не само на оштетените физички и правни лица во ограбената Еуростандард банка кои се сега на удар, туку на многу поширок круг на банкарски клиенти, на кои во некое идно време може да им се случи истата судбина.

На минатата седница на Уставниот Суд свое позитивно излагање за укинување на неуставната одредба дадоа пет судии и тоа: судија известител Јован Јосифовски, судија д-р Осман Кадриу, судија Никола Ивановски, судија д-р Дарко Костадиновски и судија Елена Гошева. Јавно им се заблагодаруваме за изнесените мислења и ги поддржуваме во носење на исправната одлука со нивното очекувано позитивно гласање на утрешната закажана седница на Уставниот суд. Воедно, ги поддржуваме и охрабруваме и останатите четворица уставни судии да го дадат својот глас во одбрана на Уставот и законитоста со очекуваната одлука за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки.

Чувството на горчина од нееднаквоста и дискриминацијата кај оштетените физички и правни лица е огромно и кулминирачко бидејќи тие се двојно оштетени – еднаш со заробувањето на нивните пари во банката и втор пат во стечајната постапка каде Фондот за осигурување на депозити има приоритет за наплата пред сите други доверители.

Очекуваме и веруваме дека оваа крајно неуставна одредба ќе биде укината на утрешната седница на Уставниот Суд и уставните судии ќе ја донесат конечната праведна одлука, со која барем делумно ќе се надминат и страдањата на оние кои се оштетени од системот не по нивна вина. Тоа е во корист на граѓаните и фирмите, односно на сите корисници на банкарски услуги сега и во иднина. Веруваме дека конечно ќе ја видиме и светлината на крајот од тунелот и дека правдата во овој дел сепак ќе биде задоволена. На потег е Уставниот суд, стои во соопштението на Здружението на оштетениете штедачи од Еуростандард банка.