Над половина од штипските тектилни работници од вчера се на колективен одмор. Станува збор за 3.500 работници вработени во околу 70 конфекции.

Претставникот на Текстилниот кластер од Штип, Кирил Нашков, вели дека компаниите се одлучиле да ги испратат работниците на одмор, поради неизвесноста и недонесувањето на петтиот пакет на мерки, но и локдаунот во Европа, со што нивните партнери засега не склучуваат нови нарачки.

Каква ќе биде иднината понатаму ќе мора да почекаме. Се надеваме дека вработените ќе ги вратиме назад на работа. Ако остане ваква црна сликата, моја претпостапка е дека дел од вработените воопшто и нема да бидат повикани да се вратат на работа – вели Нашков.

Тој посочува дека државната помош од петтиот пакет на мерки не е за спас на фирмите, туку за спас на работните места во реалниот сектор, кој се соочува со низа на проблеми и неизвесност поради пандемијата и мерките во земјите од ЕУ, од каде што им пристиугнуваат и нарачките за работа.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека уште пред десет дена аламрирале дека ова ќе се случи поради политички калкулации, а најголемиот удар ќе биде врз работниците од текстилниот сектор.

Таа апелира пратениците веднаш да го донесат петтиот пакет на мерки, оти сиромаштијата им чука на врата на работниците.

Голем број од штипските конфекции ја немаат исплатено февруарската плата, а работниците останаа и без здравствено осигурување во време на пандемија.