Оштетените штедачи од Еуростандард банка наведуваат факти за начините на коишто се украдени речиси 60 милиони евра од банката.

– Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, Арбор Дизајн дооел е фирма за производство на мебел којашто нема вратено кредит во Еуростандард банка од околу 440 илјади евра. Нема платено ниту една рата откако го има земено кредитот пред повеќе од една година пред да се затвори банката. Фирмата е основана во јануари 2009 година, со седиште во село Орешани, општина Зелениково, со непаричен влог од 5 илјади евра и депонентна сметка во Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Срџан Шабан. Од увидот во билансите, фирмата има континуирани долгови кои од 2015 до 2019 година се зголемуваат и се движат од 380 до 620 илјади евра. За истиот период, капиталот на фирмата е континуирано негативен додека задолженоста на фирмата е поголема од нејзината вредност и истата се движела од 120 до 145 отсто! За целиот изминат период, фирмата е континуирано презадолжена и бонитетот на фирмата е оценет со најлоша можна оценка односно фирмата била и е високоризична за соработка. Фирмата должи и за неплатени даноци и придонеси околу 10 илјади евра на Управата за јавни приходи – велат од Здружението на оштетените штедачи.

Тие објаснуваат дека истиот сопственик и управител, Срџан Шабан, има и друга фирма со име Арбор Интериор Солутион дооел којашто земала кредит од Еуростандард банка од околу 470 илјади евра на основа на обична меница.

– И овој кредит е земен во исто време како и кредитот од неговата прва фирма. И оваа фирма нема платено ниту една рата, ниту еден денар откако е земен кредитот. Фирмата е основана во ноември 2014 година, овој пат со дејност во градежништвото, со непаричен влог од 5 илјади евра и со седиште во општина Кисела Вода во Скопје. Фирмата има еден вработен. Билансите на фирмата велат дека во минатите неколку години таа имала годишни приходи од 8 до 25 илјади евра и долгови од 85 до 420 илјади евра. Како и во првата фирма, оваа фирма има континуирано негативен капитал и задолженост од 110 до 120 отсто, што значи фирмата била и е презадолжена. Како е можно фирма што има годишен приход до 25 илјади евра да добие кредит од 470 илјади евра со обична меница, а тоа да не биде криминал – велат од Здружението.

Тие прашуваат како е можно вакви високоризични и презадолжени фирми да имаат земено кредити во стотици илјади евра? Како е можно ваков очигледен криминал да помине незабележано со години? На основа на кои документи и анализи раководството од ограбената Еуростандард банка одобрило кредити во вкупна вредност од над 900 илјади евра, подигнати во исто време од овие две фирми од еден ист сопственик, со континуирани загуби и многукратно големи долгови!? И двете фирми не биле кредитоспособни да добијат кредити. Неможат да ги вратат, не платиле ниту една рата откако ги земале кредитите. Каде завршиле нашите пари?

– Едноставно, било договорено кредитите да не се вратат, а нашите украдени пари да се поделат. Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски добро знаат како и зошто биле одобрени, потпишани и подарени над 900 илјади евра на еден сопственик на две поврзани фирми. Знаат и каде завршиле нашите пари и како истите се распределиле. Кога ќе одговараат овие првотимци на ограбената Еуростандард банка за овој евидентен и лесно докажлив криминал? Овој грабеж на нашите депозити не смеел да помине неказнет и без никаква активност за запирање на истиот од гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Таа не ја извршувала основната законска задача за надзор над банката соодветно и навремено, молчела и дозволила овие ултра ризични кредити да бидат поделени односно украдени, а примерите од вакви и слични доделени неконтролирани високоризични кредити во ограбената банка со години се многубројни. Кога ќе одговара гувернерката Бежоска за нејзиното соучество во овој организиран криминал и висока корупција – велат од Здружението.

Тие бараат фирми кои земале кредити во стотици илјади или милиони евра, а не платиле ниту една рата, да бидат казнети.

– Таков е и случајот со сопственикот Срџан Шабан. Сите тие сопственици знаат како и каде завршиле подарените кредити бидејќи соучествувале во криминалот и очигледно ги поделиле нашите пари. Парите мора да се вратат на граѓаните и фирмите депоненти во лиценцираната и контролирана, но ограбена банка. Одговорност мора да има за сите учесници во овој организиран криминал и корупција. Тоа е задача на нашите надлежни институции. Криминалот и корупцијата мора да се решат и украдените пари да се вратат во целост. Соочени со факти за евидентен организиран криминал и висока корупција, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ не смеат веќе да молчат и да не преземаат никакви активности. Старо правило е дека нереагирање и непреземање на активности за сузбивање на криминалот и корупцијата е одобрување и соучество во истите – велат од Здружението.