Уште една новост на апрсурд, ароганција, безобразие и срам осамна во македонското секојдневие и сурова реалност. Коста Костовски, еден од косопствениците и претседател на кредитниот одбор на правни и физички лица во пропаднатата Еуростандард банка, постана директор на новоосновано друштво за управување со приватни инвестициски фондови „Глобал инвестмент корпорејшн доо Скопје“, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банката.
Човекот кој ја „погреба“ Еуростандард банка со масовно и свесно делење на неповратни кредити со години од депозитите на граѓаните и фирми депоненти, основачот и спроводител на криминалот во банката, има можност да продолжи со исти активности и понатаму, сега со управување на инвестициски фонд. Коста Костовски е осомничен за низа кривични дела и покренати се повеќе кривични постапки против него од предизвикување стечај на банката, злоупотреба на службена должност и овластување до перење пари и други приноси од казниво дело, и сето тоа проследено со низа проневери, злоупотреби, фалсификувања и измами. Централниот регистар го донел решението за основање на друштвото и забавата може да почне. Сопругата на Коста и уште двајца други бизнисмени со живеење во странство се косопственици на друштвото чијшто основачки капитал е 51 илјади евра. За да Централиот регистар го донесе решението за основање на друштвото, Комисијата за хартии од вредност морала претходно да издаде согласност и дозвола, што е пропишано во Законот за инвестициски фондови. Тоа е истата таа комисија која дозволи да поминат неказнето раководните луѓе на Еуростандард банка бидејќи ги немаа објавено ревидираните финансиски извештаи и мислењето од овластен ревизор за 2019 година, за да депонентите бидат навремено информирани за екстремно лошата состојба на банката. Еден од предусловите за поставување директор на друштвото за управување со инвестициски фондови е да биде лице кое поседува добра репутација. Согласно законските одредби, под добра репутација се подразбира чесност, компетентност, работливост и поседување особини кои даваат сигурност дека лицето со начинот на своето работење нема да влијае во насока на загрозување на стабилноста и сигурноста на инвестицискиот фонд и загрозување на интересите на вложувачите во фондот. Коста Костовски не само што е осомничен за низа кривични дела кои директно ја однесоа банката во стечај и проневерија огромна сума пари на депонентите, туку со доделувањето на дозвола за управување со инвестициски фондови се потврдува обратното од надлежните институции во државава, дека нема ништо спорно ни со неговата репутација. На овој начин, на Коста Костовски и неговото семејство им се дава целосен легитимитет на продолжат со праксата на проневери, злоупотреби и кражби практикувани со години во неодамна пропаднатата Еуростандард банка преку која се покрадоа речиси 60 милиони евра од депозити на граѓани и фирми. Дали е ова реалноста во која живееме или сакаме да живееме? Има ли нешто нормално во сето ова или ова е некаков лош сон?, прашуваат од здружението.
Тие додаваат дека еден од законските одредби за основање и работење на приватен инвестициски фонд е дека приватниот фонд може да се задолжува без ограничување. Ова е исклучителна можност за Коста Костовски да се покаже и докаже што знае и умее да направи, а притоа да остане неказнет и да не одговара за сторени кривични дела, туку напротив надлежните органи во нашата држава да му дадат отворена можност да продолжи да практикува однапред познати и лесно докажливи проневери. Во семејството Костовски ова е веќе семејна традиција. Неодамна, ќерката на Трифун Костовски, главниот сопственик и виновен за криминалот во Еуростандард банка, изјави дека ќе го обновува култниот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје. Несомнено, ќерката и синот ја продолжуваат традицијата на измами и проневери со наши пари, а сето тоа поддржано и одобрено од нашите надлежни институции.
Коста Костовски и останатите раководни луѓе во Еуростандард банка се директни виновници и одговорни за покрадените пари на граѓаните и фирмите депоненти во банката. Ќе направи ли нешто државата час поскоро да ја исправи оваа неправда и да ги казни овие луѓе за делата кои ги направиле? Ќе ги вратат ли нашите пари со кои сега се расфрлаат додека надлежните институции им го дозволуваат тоа? Сакаме да бидеме и членка на Европската унија!? Во кој правец се движиме?, прашуваат од здружението на штедачи.
Comments are closed for this post.