Во среда, на 7 април, Уставниот суд повторно ќе заседава и одлучува за поднесената иницијатива за разгледување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, истиот тој закон којшто верувале или не, е направен за да ги доограби и со тоа продолжи криминалот врз депонентите, физички и правни лица, се вели во денешното соопштение на здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка Правда за штедачи.

Токму оваа наредна седмица ќе биде онаа историска, којашто со помош на уставните судии преку донесување на правилна одлука, ќе ја врати довербата во правната држава во овие тешки времиња за сите нас. Покрај светската пандемија и тешката економска криза, банкарскиот систем во државава со своите закони и процедури им пресуди на над 3.000 семејства, граѓани и фирми, кои беа депоненти на сега веќе Еуростандард банка во стечај. Прво, не ги заштити од криминалците кои ја водеа банката преку спроведување на ефективни ревизии и контроли врз банката, па се до контроверзниот член 163 став 3 од Законот за банки, којшто во стечајната постапка ги доограбува веќе ограбените физички и правни лица.

Граѓаните, но и фирмите, ги доверија своите тешко спечалени средства во банка која е дел од еден банкарски систем регулиран и контролиран од Народна банка како една од највисоките институции на државата, којашто во овој случај комплетно потфрли во својата законска задача. Тие тешко спечалени средства заработени со крв и пот во подолг период на време, а во некои случаи и со генерации, за миг исчезнаа на 12 август минатата година, со носење на одлука за стечај, по неуспешното спроведување на истите тие закони во банкарскиот систем кои служат за заштита на тие средства.

‘Секое семејство има своја историја. Никој не е слезен од гранка. Моето е жртва на грабежи од ‘српското’, до ‘бугарското’, ‘комунистичкото’ и ‘македонското’: ‘другари со митролези’, затвори, конфискации, невраќање на атрактивниот имот со денационализацијата. И рубата на мојата тетка Павлина ѝ ја плениле, па не се омажила. Како да се омажи кутрата, со јавна стигма, сиромашна и со татко во затвор како ‘антидржавен елемент’. Единствен имот, кој не го конфискувале беше една од двете ниви, кои баба Вета ги донела како мираз. Едната не ни ја вратија со денационализацијата, заради ‘виши интереси’, а другата ја продадовме како плацеви за куќи и парите ги ставивме во банка, барем инфлацијата да не ги јаде. Си рековме: Кој сме па ние да ги потрошиме и да не ги оставиме за арно на децата. Погодувате, банката беше Еуростандард. Ех… Времето на ‘другарите со митролези’ што пленат по куќи со државна заштита, не било завршено. Дека Трифун имал (има) државна заштита во ‘пленидбата’ одма се гледа од ‘ѓоа заспаните’ институции. Дека моите деца му ги купија тоа пурите, немало врска, оти тој и немал срам. Но зошто нема страв? Тоа е прашањето“. Ова е само дел од страдањата на еден од штедачите.

Почитувани судии од Уставниот Суд, не дозволувајте Александар и многуте како него повторно да бидат ограбени во стечајната постапка. Со неносење на правилна одлука, истите тие пари ги давате во системот воден од корумпирани лица кои ги штитат интересите и профитите на неколку банкари. Истите тие банкари се ‘другарите со митролези’ и еве повторно се на праг да ја доограбат. Единствената шанса која многимина пред вас ја пропуштија за спречување на тој грабеж ја имате вие, не ја пропуштајте“, апелираат од здружението Правда за штедачи.