Продолжуваме со објавување на криминалот во Еуростандард банката. Запрепастувачки е колку лесно се одобрувале неповратни кредити на избрани фирми за што гувернерката Анита Ангеловска Бежоска знаела и молчела. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, Југотрејдинг ДН дооел е фирма од Струмица која добила кредит од 1.260.000 евра од Еуростандард банка и не платила ниту една рата 363 дена или една година пред да се затвори банката, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи.
Како обезбедување на замениот кредит се води хипотека на станбен простор и залог на опрема со проценета вредност од 230.000 евра, што е пет и пол пати помалку од земениот кредит.
Југотрејдинг ДН дооел е основана во мај 2016 година, со непаричен влог од 5.000 евра. Таа има седум вработени и е депонент на Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Борка Делева. Основна дејност на фирмата е преработка и конзервирање на овошје и зеленчук.
Од увидот во билансите на фирмата, податоците се многу загрижувачки. Откако е основана, фирмата постојано била презадолжена, за да во 2019 година, тогаш кога е одобрен и доделен кредитот, оваа фирма имала долгови од 3,4 милиони евра, додека капиталот бил негативен во износ од околу 220.000 евра, односно степенот на задолженост бил 107 отсто. Последните години фирмата имала загуби. Воедно, оваа фирма има и тековен долг за неплатени даноци и придонеси од 305.000 евра према Управата за јавни приходи. Сумарно, фирмата ниту можела ниту може да го враќа доделениот милионски кредит.
На основа на која кредитна политика, критериуми и процедури се доделил овој милионски кредит во евра на презадолжена, нестабилна и високоризична фирма за соработка? Дали некоја од нашите надлежни институции и истражни органи ја прашале сопственичката на фирмата Борка Делева со кого сѐ поделиле и каде завршиле нашите лични доверени пари во контролирана банка? Што направила гувернерката Бежоска да го спречи и запре овој организиран криминал, еден од стотиците во Еуростандард банка? Како тоа се одобрил кредит од менаџметот на Еуростандард банка со пет и пол пати помала хипотека, не платена ниту една рата, ниту еден денар цела една година, а никој да не видел, не слушнал и да не одговара за овој грабеж?
Вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против криминалот и корупцијата во нашата земја, често јавно изјавува дека безкомпромисно се бори против организираниот криминал и високата корупција, со ветување дека никој нема да биде амнестиран што се огрешил пред законот. И дека криминалците мора да одговараат. Што треба ние да направиме за да Николовски се охрабри да преземе акција за решавање на организираниот криминал и високата корупција во ограбената Еуростандард банка? Очекуваме неговиот молк да го преточи во дела веднаш. А ние може да му помогнеме со доставување на сите факти и докази со кои располагаме, тие кои веќе беа објавени и многу останати кои следат“, соопштуваат од Оштетени штедачи.
Comments are closed for this post.