Мора што е можно подолго да се одложи плаќањето на акцизата за домашно произведена ракија, побараа производители од Тиквешко од претставниците на Царината на синоќешната средба во Кавадарци.
Бараме одреден максимален период на одлагање, едукација и припрема. После тој период да се почне со минимален износ и за пет години да се достигне до 30 денари по литар, како што сега предвидува предлог законот. Да не се плаќа однапред акциза пред да се пушта ракијата во продажба, се изјаснија лозарите, производители на домашна ракија, пред претставниците од Сектор за акцизи при Царинска управа, Весна Змајшек и Анастас Маженковски.
Пратеникот Панчо Минов потсети дека во собраниска процедура е Законот за акцизи, кој предвидува ново задолжување на индивидуалните земјоделци производители на жесток алкохол, триесет денари по литар. Се предвидува секој производител до количина од 2.500 литри да се пријави во Царина и да биде регистриран. Треба да пријави количини на грозје кои планира да ги преработува во ракија и со какви садови. Кога ќе ја произведе, треба од Агенцијата за храна да добие потврда за квалитет за да може да се продава. После тоа поднесува барање за издавање на акцизни маркици, со барање во рок од 30 дена треба да се исплатат тие маркици.
За разлика од другиот дел на законот каде секоја друга акцизна стока се плаќа со пуштањето во промет на акцизното подрачје, во случајов тие 30 денари треба однапред да се платат по пријавените количини. Мојот амандман беше во две работи. Триесетте денари како акциза и обврската за подигањето на маркици да се одложи до нашиот прием во ЕУ , рече Минов.
Маженковски информираше дека во изминатиот период поминале четири региони во државата. Ги собрале искуствата од луѓето. Прво, тие кажале дека печат ракија бидејќи не можеле да го продадат грозјето. Соопшти дека ги задржале одредбите од стариот закон кој вели дека дома повторно ќе може да се печат 500 литри ракија без да се продава, за сопствени потреби.
Основната работа на државата не е да собере пари. Напротив, малку се парите што државата ќе ги собере. Има цигари, нафта. Државата од други места може да собира пари. Но, сегментот на домашна ракија за која знаеме каде се движи, мораше да се стави во нормални рамки. Да не се крие, пушта по автобуси, па некој да изгори. Баравме модус како сето тоа легално да го спроведете и да не се плашите од прекршоци. Ниската акциза, доволната количина, се двата постулата врз основа на што е барана законската одредба. Отидовме во парламентот и добивме сугестии да се даде преоден период и за тиа мали износи, рече Маженковски.
Според Горан Јаковлевски, производител на вино и ракија и претседател на новото здружение „Тиквешки семејни винарии”, има и такви производители на ракија кои сакаат да се регистрираат како производители, или мали семејни дестилерии, но и такви кои сметаат дека измените на законот за акцизи треба да се пролонгираат до извесен законски период, прво да се даде шанса за регистрација на семејни капацитети, а потоа етапно да може да се воведе акциза.
Свесен сум дека барањето акциза носи и бенефит. Сега, маржата наша ја земаат препродавачите на црно кои ни ја продаваат ракијата под рака, кои ја земаат од нас а ја продаваат поскапо. Тие ризикуваат за добра маржа. Треба да бидеме свесни дека ракија во туби како кај нас, ретко се продава во светот, Во други земји на мени има најмалку 15 ракии, кај нас две. Оние кои сакаат да се регистрираат, сметаат дека ќе може и да извезуваат, изјави Јаковлевски.
Горан Димов рече дека проблемот со правење ракија е 20 години поради минималната цена на грозјето. Тој рече дека и етикетите и други трошоци дополнително би ги оптовариле производителите.Зоранчо Пешков , секретар од Здружението “Напредни лозари” исто така се изјасни да се одложи акцизата што е можно повеќе, барем некоја година, а во меѓувреме едукација па слободно да се продава, а не како сега со криење и казна ако е откриена. Кога ќе се стартува, да биде со минимални десет денари. А маркиците да се земат, како што ќе оди продажбата, а не наеднаш за целата произведена количина. Ристо Јанчев побара одложување, се дури не влеземе во ЕУ.
На крај градоначалникот Јанчев рече дека многу е добро кога има соработка со институциите. Даде и конкретен предлог.
Немојте да чекате цената на грозјето да се покачи дома седејќи, нема шанси. Ако седиме дома, цената на грозјето никој нема да ја покачи. А и само ако штрајкуваме, пак нема да се покачи. Мора да се делува. Индивидуално и колективно, ама да бараме и пласман. Наша обврска е, ние го произведуваме тоа. Имам предлог општина Кавадарци во нејзините можности, јас како градоначалник тоа ќе го иницирам до Совет, да направи тим. Секој што ќе биде заинтересиран индивидуално да се регистрира и регуларно да продава ракија, бесплатно да му се изготви дизајнот на етикета, дизајн на бренд, тоа со наши менаџери и ит технологии, да се даде како субвенција, за да стане регистриран производител на ракија. Второ, државата, на секој што ќе се регистрира и сака да плаќа минимален износ на ракијата, да му даде субвенција некоја, еднократна или подолгорочна, во делот на опрема за преработка на грозје или флаширање и слично. Трето, тие што не сакаат да се регистрираат, законот да се одложи, со можност за максимално негово одлагање. Кога ќе влеземе во ЕУ општината нема да може да помага за дизајн, државата нема да може да субвенционира, тогаш ќе има европски закони. Сега е можноста да изградиме бренд. А јас сум сигурен дека можеме да изградиме наши брендови. Се почнува шише по шише, не се почнува со камион. Тоа е нормална работа. Би ја спомнал тука и едукацијата, а конкуренцијата ќе ја зголеми и цената на грозјето, дециден беше градоначалникот.
Comments are closed for this post.