Министерството за економија објави нов, втор оглас за доделување субвенции за печки на пелети. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека новиот оглас е објавен поради големиот интерес на граѓаните на првиот повик.

Со Ребалансот на буџетот, Министерството за економија побара и доби дополнителни средства во износ од 7.000.000 денари за субвенционирање печки на пелети за домаќинствата. Со ова ќе придонесеме за подигање на јавната свест, за заштеди на енергијата која е скап ресурс и за заштита на животната средина, чија загаденост во есенско-зимската сезона во последниве години создава големи потешкотии. Оваа мерка е и во согласност со владиниот План за чист воздух, рече Бектеши.

Посочи дека право на учество на овој оглас имаат граќаните кои имаат купено печки на пелети во своите домови во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година и кои ќе поднесат барање за искористување на правото на надоместок.

 Од денеска до 12 декември сите домаќинства ќе имаат можност да аплицираат за да добијат субвенции за набавување печки на пелети. Ќе имаат можност да бидат субвенционирани со до 50 отсто од сумата, но не со повеќе од 500 евра во денарска противвредност, појасни Бектеши.

Министерот за економија ги повика сите заинтересирани лица да аплицираат, посочувајќи дека при првиот повик субвенции добиле над 450 домаќинства, додека со вториот повик ќе бидат субвенционирани над 230 домаќинства. Посочи дека доделувањето на поддршката на домаќинствата е по принципот „прв дојден – прв услужен’’.

Изјави дека со новиот предлог буџет за 2019 година се предвидени дополнителни средства за повикот што ќе биде објавен кон почетокот на новата година.