Претставници на тутунарите и откупните компании денеска во Скопје ќе имаат заедничка средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Средбата ќе биде обид да се најде заедничко решение за проблемите со откупот – ниската цена и, како што велат производителите, нереалната проценка од страна на откупувачите.

Министерот Хоџа во вторникот беше во Прилеп, на состанок со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари кои претходните денови протестираа и бараа средба со надлежните. На состанокот беше договорено до денеска да нема протести и блокади.

Договоривме во петок да ги повикам на состанок двете странии незадоволните тутунари и откупувачите. Ако се постигне договор во петок, ќе се одвива целиот процес на откупот на тутунот. Ако не, ние ќе се обидеме максимално да постапиме согласно нашите ингеренции и успешно да се заокружи оваа година, без разлика на овие проблеми во почетокот зашто од целата договорена реколта од 23.000 тони, само 300 тони се откупени што е 1,5 процент. Верувам дека ќе се изнајде решениеизјави тогаш Хоџа.

Тутунарите се согласуваат дека квалитетот на родот е за нијанса послаб. Сепак сметаат дека откупната цена не треба да биде пониска од 200 денари.

Ние сакаме реално да ни се плати родот, но реална проценка засега нема. Тутунот е со добар квалитет и под 200 денари не смее да се откупува, посебно не врвните берби за кои имаше време да се исушат. Не сакаме да протестираме, си имаме работа на нивите, но нема да дозволиме да ни се обезвреднува трудот. Си ги бараме нашите права, да ни се плати трудот, изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ по средбата со министерот во Прилеп.

Мирчески најави дека на денешниот состанок во Скопје производителите ќе дојдат со правен тим кој знае на кои пунктови се презема тутун „под класа“. Тој е дециден дека ако се сака, може да се најде решение.

Доколку не се постигне решение, не отстапуваме од протестите и блокадите, напомена Мирчески.

Министерот Хоџа по последната средба во Министерството со тутунарите и откупувачите минатиот петок, рече дека поплаки има од двете страни. Производителите се жалат на лоша проценка од страна на откупувачите, а откупувачите на подметнувања од страна на производителите – дека мешаат тутун со послаб квалитет во повисоките класи. Како решение, пак, за постигнување повисока откупна цена на тутунот, миистерот  предложи да се укине четвртата класа. Порача и дека целата договорена количина тутун ќе биде откупена.