Закон мора да има, но нема да биде  како актуелниот, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши по однос на најавите на пазарџиите  за генерален штрајк на сите зелени пазари во земјава  доколку законот за трговија на зелените пазари целосно не биде укинат.

Министерот за економија денеска изјави дека  преку разговори со сите засегнати страни ќе се  изнајде  соодветно решение за Законот за тргување на зелените пазари.

Од Стопанската комра пак велат дека  се потребни сериозни измени во Законот за трговија на зелени пазари што би подразбирало регулирање на тоа кој се може да продава на пазарите.

Инаку пазарџиите  изјавија дека не се задоволни  со едногодишното одложување на примената на Законот за трговија на зелените пазари, туку  побараа  негово целосно укинување и се заканија  со генерален штрајк во сите зелени пазари низ земјава.

Можно е, како што истакнаа, тие до Уставниот суд да побараат преиспитување на уставноста на законот, заради ограничување на правото за работа, како и заради тоа што беше донесен по скратена постапка и без консултација со сите засегнати страни. Тезгаџиите најмногу реагираат на фактот дека со новиот Закон се бара да плаќаат лиценци од 60 евра годишно, а за пензионерите беше забрането да закупуваат тезги на зелените пазари.

Дел од пазарџиите минатата недела  се сретнаа и со премиерот Заев  во Владата , каде се разговарало за пролонгирањето на законот и мислењата на пазарџиите.