Во првиот квартал од годинава дојде до значително подобрување на показателите преку кои се следи банкарскиот систем, меѓу другото и како резултат на стабилизацијата на очекувањата во домашното опкружување, констатира Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната 15. седница на која беше разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во првиот квартал од 2018 година.
Во првиот квартал, кој вообичаено има помала сезонска динамика, вкупната актива на банкарскиот систем забележа раст од 3.982 милиона денари или 0,9 отсто. Овој раст се должеше на поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата, во споредба со корпоративното кредитирање коешто се намали што освен на сезонските фактори се должеше и на еднократната наплата на побарувања, велат од НБРМ.
Во април и мај 2018 година, додаваат, стапката на раст на корпоративните кредити повторно беше позитивна. На годишна основа, заклучно со првиот квартал, останува констатацијата дека растот на кредитите кон домаќинствата е многу посолиден од тој кон корпоративниот сектор, односно 9,8 отсто и 2,6 отсто соодветно, вредности што го следат трендот од претходните години, потенцираат од НБРМ.
Со оваа поставеност, велат, изложеноста на кредитниот ризик останува најзначајниот ризик за банкарскиот систем, особено кога ќе се земе предвид дека растот на вкупното кредитирање ја ублажува стапката на раст на нефункционалните кредити.
Историски најниската и непроменета стапка на нефункционални кредити на домаќинствата од 2,4 отсто меѓу другото се должи и на солидниот раст на кредитите кон овој сектор. Стапката на нефункционалните кредити кон нефинансиските друштва се намали и на крајот од на првиот квартал изнесува изнесува 7,8 отсто. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинставата и нефинансиските друштва се намали за 1,2 процентни поена во првиот квартал од 2018 година и се сведе на 5,1процент, порачуваат од НБРМ.
Во однос на кредитниот ризик, додаваат, покриеноста на нефункционалните кредити со сопствената исправка на вредност се зголеми и на крајот од третиот квартал изнесува високи 81,4 отсто, при задоволителен обем и квалитет на сопствените средства на банките. Тоа значи дека последиците од евентуална целосна ненаплатливост на овие кредити врз солвентните позиции на банките би останале ограничени.
Изложеноста на банкарскиот систем на валутниот ризик и на ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности генерално има поограничено значење од изложеноста на кредитниот ризик. Застапеноста на кредитите со валутна компонента на домаќинствата и нефинансиските друштва го издвојува значењето на валутниот ризик за нивната стабилност и следствено, за стабилноста на банките. Показателите за ликвидноста дополнително зајакнаа, главно како резултат зголемените пласмани на банките во Народната банка и во краткорочно орочените депозити во странство, при што на крајот од првиот квартал ликвидните средства учествуваа со преку 30 отсто во активата на банкарскиот системи, истовремено покривајќи речиси 54 отсто од вкупните краткорочни обврски и околу 58 отсто од вкупните депозити на домаќинствата, велат од НБРМ.
Профитабилноста во првиот квартал, потенцираат, беше висока.
Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа историски највисоки нивоа, од 3,1 отсто и 28 отсто, соодветно, но треба да се напомене дека еднократна наплата на побарувања од страна на повеќе банки е главната причина за овој резултат. Со изолирање на овој ефект, којшто имаше најголемо влијание врз добивката во првиот квартал од 2018 година, профитабилноста на банкарскиот систем би била вообичаена и би се задржала речиси на исто ниво како во првиот квартал од 2017 година. Распонот помеѓу активните и пасивните каматни стапки продолжи да се намалува, порачуваат од НБРМ.
Народната банка, додаваат, и натаму внимателно ќе ги следи движењата на домашните и меѓународни ризици во банкарскиот систем, и доколку потребно, ќе преземе соодветни мерки и активности за нивно ублажување.
Comments are closed for this post.