Цената на парното во Македонија ќе се зголеми за 14,18%. Новата цена ќе важи од 1 август. Ваквата одлука за топлинската енергија ја донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика, објави Дојче Веле. Новата цена на парното зависи од цената на гасот кој е двојно поскап од лани.

Регулаторното тело, според извори на ДВ, ќе бара од институциите на локално и на централно ниво да ги применат мерките за штедење од Европската Унија.

Ако зголемувањето на цената на парното се ориентира според поскапувањето на природниот гас, треба да изнесува над 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување. Една од опциите да се стабилизира цената на парното греење е скопската когенеративна термоцентрала ТЕ-ТО да работи постојано, особено во зимскиот период и сите домашни капацитети да бидат ставени на располагање- изјави деновиве претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во пресрет на донесувањето на одлуката за поскапување на парното греење.

Останува неизвесно кој ќе ја преземе обврската да ги затоплува скопјани по раскинувањето на договорот со Балкан енерџи груп (БЕГ) кој досега беше задолжен за парното во Скопје. Владата најави распишување на отворен повик за компанија која ќе ја преземе обврската, а во краен случај се најавува можноста грижата за парното да биде префрлена на државната компанија Електрани на  Македонија. До ваков развој на настаните дојде откако Регулаторната комисија за енергетика во јуни ги одзеде трите лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).