Македонија бележи напредок во енергетските реформи , но доцни со подготовката на дел од подзаконските акти со кои ќе се овозможи целосна примена на Законот за енергетика. Ова го оцени директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач денеска на состанок со собраниската Комисија за економски прашања.
Согласно со обврските од Законот за енергетика при крај е изборот на универзален снабдувач со електрична енергија, како важна мерка за либерализација на пазарот и заштита на потрошувачите, Копач се надева дека постапката ќе се финализира до крај на месецов.
Балансирањето на пазарот на електрична енергија за жал се уште не е регулирано, во законот се предвидени правила до 1 јануари годинава, но тоа не се случи. Регулаторната комиисја за енергетика се уште е во процес на консултации, но битно е овој процес да се финализира до првата половина на годинава, наведе Копач.
Тој укажа дека останува отворено прашањето за примената на Директивата за нафтени резерви, што постојано се одложува.
Нивото на нафтените резерви во Македонија кое беше највисоко во целата Енергетска заедница се намали, а причината се нерешените односи помеѓу сопствениците на нафтени резерви, ОКТА, Макпетрол и државата, и по четири години од усвојувањето на Законот. Но, добивме уверување од Владата дека во следните месеци овој спор ќе биде решен, а тоа мора да биде направено со усвојување на подзаконски акти кои ќе наметнат цена на надоместот за сопствениците кои ги чуваат нафтените резерви, истакна Копач.
Во делот на обновиливите извори на енергија, како што информираше, Македонија со 18 до 19 проценти во финалната потрошувачка нема да ја постигне поставената цел од 23 проценти. Поради тоа мора да напредува побрзо во нови капацитети за производство на обновлива енергија, а недостасува и користење на биогорива во транспортот.
Македонија има наменето 42 милиони евра годишно за поддршка на обновливи извори на енергија, што е највисок износ во регионот, но најважна работа е да се воведат опции, кои се веќе во закон, а подзаконските акти треба да бидат усвоени во следните недели. Тоа требаше да се направи многу порано, посочи Копач.
Пратеникот од СДСМ Хари Локвенац го поздрави, како што рече, констатираниот напредок во Извештајот на Енергетската заедница во делот на обновливите извори на енергија, регулацијата на пазарот, проблемите со чувањето на горивата и транспортот.
Неговиот колега од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев, пак, наведе дека констатираниот напредок се должи, пред се, на носењето на новиот Закон за енергетика, но оти се доцни многу со носењето на подзаконските акти кои ја овозможуваат примената. Тој упати забелешки за неисполнетите обврски за нафтените резереви, спорот помеѓу државата и компаниите кои стопанисувааат со тие резерви и тоа што Владата не го утврдила надоместот за чување на нафтените резерви.
Како што појанси, за новините и обврските во енергетскиот сектор се потребни и промени на Законот за ДДВ од страна на Министерството за финансии, со што ќе се овозможат трансакции без двојно оданочување во случај кога има пазарно удвојување. – Бугарија треба да ја тргне таксата за извоз на електрична енергија, а со оглед дека потпиша договор со Македонија за спојување на енергетските пазари тоа ќе има многу корисен ефект за цените во Македонија затоа што цените во Бугарија се пониски. Ова е позитивен развој на настаните, но прво Бугарија треба да го отстрани извозниот трошок. Тоа не зависи од вас, Европската комисија ги притиска тоа да го направат побрзо, појасни Копач
Comments are closed for this post.