Ребалансот е нереален, а економскиот раст е неостварлив. Ова е коментарот на пратениците од опозицијата на првиот ден од расправата по однос на предложениот ребаланс на Буџетот, од страна на министерот за финансии Драган Тевдовски. Од ВМРО ДПМНЕ ја обвинија Владата дека направила економско цунами на економијата, економскиот раст е стопиран и дека нема ниту еден проект

 Направивте цунами во економијата. Го стопиравте економскиот раст. Немате ниту еден проект. Го намаливте растот на градежништвото, капиталните инвестиции и клучните проекти ги стопиравте, ги намаливте средствата во судството. Онаму каде што треба да ја поттикнете економијата таму го правите застојот, посочи Кузмановска.

Ребалансот ви е нереален, ниту ќе ги постигнете предвидените стапки на економски раст иако намалени затоа што прогнозите на ММФ ова не го кажува опозицијата и на ММФ се далеку пониски од вашите. Ниту ќе ги остварите планираните буџетски приходи, ниту ќе ги реализирате капиталните инвестици иако се намалени за 100 милиони евра, од 400 на 300  милиони евра, рече Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, кој додаде дека катастрофалното ниво на реализација на капиталните инвестиции е доказ дека сте, како што рече, влада за едно прашање и дека не поседувате капацитет за водење на институциите.

 

Претходно   Тевдовски напомена дека со ребалансот на Буџетот  се врши минимална корекција на неговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините, Фондот на ПИОМ, фондот за здравствено осигурување. Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 проценти.

 Со ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО, рече Тевдовски.

Според него, важно е да се истакне дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски како и на дел од неизмирените обврски на единките корисници основани од нив.

 Како приоритет е проблем што е горлив во многу општини, што имаат блокирани сметки, големи натрупани нереализирани обврски. Исто така, во добар дел од општините училиштата кубурат, мака мачат како да најдат да платат струја, да ги платат обврските за да можат да функционираат и затоа имаме решение  со кое државата нема да ја задолжуваме, нема да земеме дополнителен кредит, туку со остварениот фискален простор ќе направиме решение со кое што ќе им помогнеме, но паралелно поставуваме механизам за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на ЕЛС, рече министерот.

Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти.

Вкупните приходи се планира на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 210,5 милијарди денари. Дефицитот останува непроменет и изнеусва 2,7 отсто од БДП.